Опозицијата прашува и зошто Кичеец е на слобода и ја обвинува власта дека штити криминалци. Од Управата за извршување на санкции, пак, претходно посочија дека осуденикот поради здравствени причини има 30-дневен прекин во издржувањето на казната
ВМРО-ДПМНЕ вели дека има информации оти на местото каде се случи сообраќајката на патот Гостивар-Кичево, во близина на Стража, биле присутни и лица вработени во шестата управа односно во Агенцијата за национална безбедност (АНБ).
Исто така, од партијата прашуваат и зошто Зоран Милески – Кичеец, кој е еден од учесниците во сообраќајката, е пуштен на слобода.
„Согласно информациите кои ги поседуваме, на местото на настанот биле видени и лица дел од шестата управа, цел ден се вршат притисоци врз лица кои биле сведоци на настанот и врз медиуми да не изнесуваат информации за сообраќајката. Се вршат притисоци за прикривање на ова што се случило денес. Власта треба да одговори на јавноста зошто Кичеец е пуштен на слобода и што бараат лица вработени во АНБ на лице место на настанот“,
рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на прес-конференција во партиското седиште.
Митева ја обвини власта дека штити криминалци со оглед дека Кичеец е еден од учесниците во сообраќајката. Тој е еден од полесно повредените во несреќата.
„Кичеец е осуден во предметот ’Рекет‘, целата македонска јавност го виде како ги носи рекетираните милиони во Луј Витон ташна. Кичеец е човекот за кој слушнавме и дека го организирал рекетот врз Миодраг Давидовиќ Дака во случајот ’ШИК Јелак‘, каде на контроверзниот српски бизнисмен му се земени 300 000 евра, според негови зборови кои се слушнаа од снимките пуштени во јавноста. Кичеец, омилениот рекетар на власта, денеска е и омилен осуденик, наместо во затвор тој е на слобода“,
рече Митева.
Од Управата за извршување санкции, пак, претходно посочија дека Кичеец во моментов се наоѓа на 30-дневен прекин на издржување на казната од здравствени причини. Решението за прекин, тврдат од Управата, е издадено врз основа на медицинска документација и е со траење до 8 септември.
Кичеец призна вина во „Рекет“ и доби три години затвор. Од октомври лани тој ја издржува казната во Казнено-поправниот дом Струга, кој е отворен тип. Тој одлежа повеќе од половина од казната и има А-третман односно има право да излегува секој ден за работа, да користи викенд еднаш месечно, а има право и на годишен одмор од 22 дена.
Кичеец влезе во КПД Струга во октомври лани. Ако се пресмета времето поминато таму, како и ефективниот и домашниот притвор, тој веќе има одлежано повеќе од половина од неговата казна.