Вчера премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, изјави дека Владата ќе ги доврши сите големи проекти што се започнати во Скопје и освен за Универзална сала ќе ѝ ги одземе ингеренциите и за други проекти
ВМРО-ДПМНЕ бара предвремени избори за да може да реализира проекти за Скопје откако се испокара со Данела Арсовска со која победија на ланските локални избори.
„Лек за неспособноста на Данела Арсовска се единствено предвремени парламентарни избори, на кои ВМРО-ДПМНЕ ќе победи, а потоа ќе формира влада. Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе може сериозно да помогне за реализација на голем број проекти за Скопје. Наспроти тоа, СДС нема концепт ниту, пак, знае како да работи и да направи проекти. СДС ги бара ингеренциите за нивни фирми да ги земат парите. И сите проекти кои ќе ги земе владата на СДС ќе завршат како автопатот Кичево – Охрид или Клиничката болница во Штип. 6 години не можат да завршат еден проект, а за почеток на нов воопшто не станува збор. СДС мислат на стагнација, ВМРО-ДПМНЕ на развој“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Вчера премиерот и лидер на СДСМ, Димитар Ковачевски, пак, изјави дека Владата ќе ги доврши сите големи проекти што се започнати во Скопје и освен за Универзална сала ќе ѝ ги одземе ингеренциите и за други проекти.
„Постојат и други проекти кои беа започнати, на пример, пречистителната станица на Градот Скопје, огромен проект што беше камен на сопнување за она што се случи во Градот, бидејќи очигледно членовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивните претставници во Градот Скопје се обвинуваат за поделба на провизии меѓу себе. Потоа, имаме брз автобуски превоз во Скопје, кој е одобрен проект, со финансирање од меѓународни институции и кој едноставно не се реализира. Погледнете ја клучката кај Момин Поток, огромен проект кој е во застој, патот до Визбегово, една исклучително важна сообраќајница која треба да ја поврзе индустриската зона Визбегово е исто така нешто што треба да се направи. Подвозникот кај зградите на ’Лимак‘ е речиси готов, меѓутоа обврска на Градот Скопје е да ги направи кружните текови кај ’Нова Македонија‘, ни милиметар од тоа не е направено. Јас работам со владиниот тим за да ги видиме можностите и да преземеме дел од тие активности да бидат направени, заради скопјани, не заради политика“,
рече вчера Ковачевски.
Арсовска, пак, изјавата ја нарече несмасна резултат на „неговото политичко неискуство“ и му порача на премиерот прво да ги исполни своите ветувања во рамки на своите надлежности, а потоа да се занимава со ингеренциите на Град Скопје.
„Сакам да прашам кој ќе ги одземе неговите и ингеренциите на Владата за нереализација на сите оние проекти кои ги имаат ветено пред граѓаните, а ги немаат реализирано? Кој ќе ги доврши автопатот Кичево-Охрид кој се гради веќе девет години? Кој ќе го доврши проектот за изградба на клиничкиот центар кој се ветува веќе цела деценија? Кој ќе му ги одземе ингеренциите за изградбата на автопатот кон Крива Паланка? Кој ќе му ги одземе ингеренциите за неспроведувањето на антикризните мерки кои требаше да превенираат за овие ценовни шокови кои ги имаме во Македонија?“,
рече Арсовска.