„Во нацртот на текстот на одредбите (од Законот за јавно обвинителство) со кои се уредува дисциплинската одговорност на јавните обвинители, е направен напор за надминување на сите детектирани аномалии, преку користење на компаративни искуства и практики на некои европски земји кои се имаат покажано како добри решенија, како и преку имплементација на меѓународните препораки и стандарди (на ЕУ, ГРЕКО, Советот на Европа итн.)“, се вели во соопштението од Министерството за правда
Откако пред два дена Министерството за правда ги објави најважните новини што се предлагаат во нацрт-измените на Законот за Судскиот совет, денеска оттаму информираат за измените што се предлагаат за надминување на слабостите во актуелниот Закон за јавно обвинителство, а согласно препораките на Групата држави за спречување на корупцијата (ГРЕКО) на Советот на Европа.

Инаку, соопштенијата кои деновиве ги објавува Министерството за правда доаѓаат во период кога актуелниот министер во овој ресор, Кренар Лога е во јавна полемика со ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер и мандатар за состав на новата влада, Христијан Мицкоски околу насоката во која треба да се движат реформите во правосудството.
Имено, Лога не се согласува со најавите кои доаѓаат од ВМРО-ДПМНЕ за распуштање на Судскиот и на Советот на јавни обвинители и реформа на овие две тела, кои се задолжени за избор, оценување и разрешување судии, односно обвинители, а што беше дел и од предизборната програма на партијата.
Измените на актуелниот Закон за јавно обвинителство, кој беше донесен во 2020 година, а за кои денеска преку соопштение информираат од Правда, во најголем дел се фокусираат на дисциплинската постапка кон јавните обвинители во случај на дисциплинска повреда.
Освен во дисциплинската постапка, Работната група формирана од Министерството, во однос на овој Закон, детектирала слабости и во одредбите со кои се регулира разрешувањето на јавните обвинители, поставеноста на јавнообвинителската мрежа, надлежностите, како и значењето на принципите на хиерархија и субординација.
„Во нацртот на текстот на одредбите со кои се уредува дисциплинската одговорност на јавните обвинители, е направен напор за надминување на сите детектирани аномалии, преку користење на компаративни искуства и практики на некои европски земји кои се имаат покажано како добри решенија, како и преку имплементација на меѓународните препораки и стандарди (на ЕУ, ГРЕКО, Советот на Европа итн.)“,
се вели во соопштението од Министерството за правда.
Како и со нацрт-измените во Законот за Судскиот совет, така и во случајот со Законот за јавно обвинителството, главните измени во делот на дисциплинските постапки се сумирани во шест точки, во кои, меѓу другото, се предвидува и зајакнување на улогата на Советот на јавни обвинители.
Со измените, како што информираат од Правда, се предлага:
- покрај актуелната поделба на лесна и тешка дисциплинска повреда, воведување на уште една, по својата тежина средна категорија на повреди;
- дополнување на листата на основи за дисциплинска одговорност на јавните обвинители и нивно степенување согласно тежината на повредата;
- формално подобрување на дисциплинската постапка и воведување на рокови за сите нејзини фази;
- зајакнување на улогата на Советот на јавни обвинители на РСМ, предвидувајќи можност за иницијатива на утврдување на одговорност на јавните обвинители за сторена дисциплинска повреда;
- зголемување на репертоарот на дисциплински мерки кои може да бидат изречени за секоја категорија на дисциплинска повреда и
- воведување на евиденција за изречени дисциплински мерки и рокови за нивно бришење.
„Во однос на дисциплинските мерки, отворено е прашањето дали разрешувањето на јавните обвинители треба да останe како дел од листата на дисциплински мерки или, пак, целосно да се издвои како посебна категорија, посебен институт. Компаративното право ги познава и двете опции“,
велат од Министерството.
Покрај одредбите за дисциплинска одговорност, Работната група, како што се додава, ги отворила и разгледала предлозите околу надлежноста, статусот и организацијата на обвинителствата.
„Во периодот што следува, се очекува Работната група да продолжи со својата работа и дискусии со зголемен интензитет, каде што акцентот ќе биде ставен на овие и други прашања и во соодветен период ќе изготви и достави нацрт-одредби и за други делови/одредби од Законот“,
додаваат од Правда.

Оттаму информираат дека од нејзиното формирање, Работната група досега одржала девет работни состаноци.
„Покрај членовите на работната група, редовно беа поканети и информирани и претставници на амбасади во земјава, проекти и други релевантни организации, од кои со редовно учество и поддршка во досегашното работење може да се истакнат Проектот ‘Владеење на правото’ (Rule of Law) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје“,
наведуваат од Министерството за правда.
Инаку, ГРЕКО во март годинава го објави второто дополнение на Вториот извештај за Северна Македонија, а кој се однесува на усогласеноста на земјата во спроведувањето на препораките кои се однесуваат на спречување на корупцијата меѓу пратениците, судиите и обвинителите.
Во врска со работата на обвинителството, единствената преостаната препорака на ГРЕКО, како што беше наведено, се однесуваше на проширување на опсегот на санкции кои се достапни за дисциплинските повреди сторени од страна на обвинителите.
„Властите посочуваат дека оваа препорака ќе биде земена предвид при изменување и дополнување на Законот за јавното обвинителство. За таа цел, ГРЕКО би сакал да ги охрабри властите да го сторат тоа што е можно поскоро“,
беше наведено во извештајот на ГРЕКО.
Во врска со реформите во правосудниот систем, мандатарот за состав на новата влада Христијан Мицкоски и министерот за правда во заминување Кренар Лога вчера си разменија остри пораки.
Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања рече дека Лога имал шанса да направи реформа во правосудството, но за жал ја пропуштил бидејќи кадрите за обвинителството и судството ги барал на лоша локација на „Гугл мапс“.
„Сега ќе дојде некој друг на негово место, којшто се надевам дека ќе успее барем двоцифрена да ја направи (довербата во судството) и тоа многу двоцифрена. За жал тој одлучи наместо да работи за граѓаните, плодна почва од каде што ќе се изнедрат кадрите во обвинителството и судството да биде Зајас. Мислам дека лоша локација на ’Гугл мапс’ нашол. Требало да најде поинаква…“,
изјави Мицкоски.
Министерот за правда, пак, во писмената реакција посочи дека тој за Министерството за правда е одговорен од 1 март 2023 година и дека неговата одговорност е ограничена поради фактот што сите кадри, кои, како што вели Мицкоски спинува, се вработени за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 до 2017 година, кога со владата раководеше поранешниот лидер на партијата и премиер Никола Груевски.
„Судскиот систем уште не може да стане на нозе поради човекот на кој Вие му бевте генерален секретар, односно човекот кој Ве избра за да бидете претседател на ВМРО-ДПМНЕ. И милијардата евра од него ќе ви дојде, и првата официјална посета ќе биде од страна на неговиот чувар“,
рече Лога во одговорот до мандатарот за состав на новата влада.