Новиот концепт за основното образование, со кој се планира спојување на повеќе предмети во еден, ја подели јавноста. Од Министерството за образование објаснуваат дека реформите кои се подготвуваат не значат укинување на ниту една научна дисциплина, туку дека со нив се подобрува концептот на кој учениците ќе ги изучуваат сите предмети.
По критиките на социјалните мрежи, од МОН во соопштение до јавноста велат дека во овој момент пред јавната расправа се презентира новиот концепт, а наставните програми и содржини ќе дефинираат понатаму, во соработка со стручната фела.
„Конкретните наставни програми, во кои ќе бидат поставени очекуваните резултатите од учењето, а врз основа на нив и содржините што учениците треба да ги совладаат од одделните научни дисциплини (историја, географија, граѓанско образование), ќе бидат дефинирани понатаму. Во овој процес, при изработката на наставните програми, ќе бидат вклучени универзитетски професори и наставници од соодветните области“,
наведува МОН.
Според МОН, новото основно образование на ученикот ќе му даде целосна слика за одреден настан или тема, што се постигнува со интердисциплинарен и интегриран пристап, односно поврзување на информациите од повеќе предмети.
„Ваквиот пристап им овозможува на учениците полесно да ги поврзат наставните содржини со реалноста и да ја согледаат смислата на она што го учат. Министерството за образование и наука ги основа овие реформи врз современи концепти и приоди, а со цел учениците да се стекнат со знаења од сите области – историја, географија или содржини од друга научна дисциплина. Но, тоа ќе биде на начин приспособен на нивната возраст, начин кој ги руши строгите граници меѓу дисциплините и го претставува светот, процесите и појавите во нивната поврзаност и единство“,
информира МОН.
Според МОН, ваквите наставни планови успешно функционираат во речиси сите земји во Европа, Америка, Австралија, односно во наставниот план на ИБ-програмата.
Министерството додава и дека согласно истражувањата, извештајот на ОЕЦД за нашата земја, како и резултатите од меѓународните студии, постигнувањата и знаењата на нашите ученици се меѓу најниските на листата на учесници во тие студии и дека тоа е директна последица на начинот на кој е оформен образовниот систем.
„Учениците учат факти, не умеат да ги поврзуваат информациите и знаењата од различните дисциплини што ги добиваат преку изучувањето на различни наставни предмети во основното образование. Затоа е особено важно да се промовира учењето преку истражување кое е можно единствено преку интеграција и интердисциплинарно изучување. Тоа е начинот да го подобриме образованието и негуваме креативни и иновативни ученици,“
соопшти МОН.
ВМРО-ДПМНЕ: Бришењето на предметот историја доаѓа во моменти кога Заев ретушира историја и преговара за идентитетот
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска повторна излегоа со критики за најавената реформа и побараа планот да се отфрли за, како што велат, „да не се случи македонската историја да биде одземена од македонската иднина“.
Пратеничката Иванка Василевска на прес-конференција рече дека најавеното укинување на предметот историја како самостоен предмет доаѓа во моменти кога како што вели, власта преговара со Бугарија за македонскиот идентитет.
„Тргањето на историјата од основното образование, се случува истовремено кога сиот народ прашува што содржи понудата напишана од Заев до Софија? Заев ја крие содржината на нон-пејперот, која што не би можела да биде подалеку од содржината на скандалозното интервју дадено за бугарски медиум. Пред вас е обид за бришење на историскиот континуитет на Македонија и на македонскиот народ, обид за бришење на темелот и вековниот државотворен стремеж за Македонија. Пред вас е обид за бришење на научните факти за македонската посебност и обид со предавнички политички зафати да се прифати дека Македонија и Македонците се вештачка творба. Историјата ги содржи сите одговори за она што е содржано во битот на еден народ и едно современо општество и во која насока истото треба да се развива. Историјата го определува идентитетот на еден народ. Бришењето и менувањето на историските факти заради дневно политичките потреби на Зоран Заев, воедно со се тргањето на предметот Историја како засебен училишен предмет е проект кој што не смее да помине!“,
рече Василевска.
