Од СДСМ, пак, по синоќешниот избор на Владата, соопштија дека новата влада со работа започнува веднаш и веќе на првата седница, денеска, се очекуваат одлуки за енергетската криза
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска, во првата реакција по изборот на новата Влада смета дека со тоа што вчера „за“ гласале 62 пратеници, пропаднало долгонајавуваното зголемено мнозинство на СДСМ.
„Неспособноста на оваа влада започна уште од вчера. Владата на пионот Ковачевски ќе има краток рок на траење. Граѓаните се уморни од неспособноста на СДСМ и ДУИ во Влада, а по однос на легитимитетот, Ковачевски како политичар и мандатар нема изборен легитимитет. Заев се обидува преку Ковачевски да направи мост за тивок премин и премолчување на неговите криминали, но сепак тоа нема да му успее затоа што ќе дојде судот на народот и департизираните судски институции. Оваа украдена шанса скапо ќе ги чини Ковачевски и Заев на следните избори, кај и да е ќе стаса како резултатите така и одговорноста, бегање нема. ДС, ДОМ и ЛДП докажаа дека се приврзоци на власта. Дека се заштитник на криминалот на СДСМ ДУИ“,
се вели во партиското соопштение.
Од СДСМ, по синоќешниот избор на Владата, соопштија дека новата влада со работа започнува веднаш и веќе на првата седница, денеска, се очекуваат одлуки за енергетската криза.
„Веднаш потоа, решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. Владата ќе се посвети на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции. Доаѓа ново време“,
најавија од владејачката партија денеска.