Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, кришум и молкум го потпишала договорот со фирмата изведувач и фирмата што ќе го врши надзорот, кои треба да го спроведат проектот за изградбата на пречистителната станица во Скопје, обвини ВМРО-ДПМНЕ.
„Таа се крие и не ја известува јавноста за овој проект, затоа што за истото тоа што сега го потпишала лажеше, манипулираше и го клеветеше јавно поранешниот директор на ЈП ‘Водовод’, Златко Перински. Во тие гнасни лаги ѝ помагаше и СДС, за сега сите невистини да паднат во вода. Арсовска и СДС, партнерите во лаги и криминал, треба да се извинат за хајката и кампањата која ја водеа против ВМРО-ДПМНЕ и Перински. Тоа што сега молчат и бегаат од одговори покажува дека се кукавици и лицемери“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека Арсовска неосновано го скандализирала проектот, обвинувала, па без логично објаснување го одложувала, за на крај да се потврди, како што велат, тоа што европските партнери ѝ го кажале пред една година – дека целата постапка била водена чисто.
„Приказната за медот и рацете сега се однесува за Данела Арсовска. Ако рацете и гласот и треперат, па затоа се крие, треба да знае дека од одговорноста и од граѓаните може да се крие одредено време, ама не може да побегне“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
