Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе измени на Законот за одбрана, сосема идентичен на оној предложен од владата, но без членот со кој се предвидува менување на името на Армијата.
Пратеникот од оваа партија Емил Димитриев кажа дека единствен услов да гласаат за владиниот предлог, кој предвидува усогласување со НАТО-процедурите и стандарди, било да се повлече овој член.
Министерката за одбрана и вицепремиерка Радмила Шекеринска во обраќањето на трибината „На прав пат“ во Скопје изминатиот викенд рече дека ВМРО-ДПМНЕ јавно соопштува дека нема да го гласа овој закон поради тоа што во него е содржано уставното име на државата, а од друга страна бара предвремена ратификација на Протоколот, во кој исто така е содржано уставното име.
„Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ земаат плата од С.Македонија и тогаш тоа не им пречи. Не им пречи ниту кога во ЕПП пред партијата стои уставното име на државата. Ама им пречи кога треба целата држава да оди напред, да стане дел од НАТО, им пречи тогаш кога ја обезбедуваме иднината, границите и стабилноста преку членство на Алијансата“, рече Шекеринска.
Димитриев денеска рече дека тие не ја игнорираат реалноста, но како опозиција сакаат таа реалност да ја променат. Но најави дека доколку ВМРО-ДПМНЕ ја добие довербата на претстојните избори ќе се обиде таа реалност да ја смени.