„Без оглед на околностите кои денес доведоа до тоа крајот на кариерата на Вилма Русковска да биде преку разрешување од функцијата обвинител, колку помалку ‘вилми’ има, толку подобро за правдата, довербата во судството и граѓаните“, велат од партијата
Вилма Русковска допрва ќе има прилики да ги признае сите злодела кои ги извршила и по чија наредба, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ отккао Советот на јавни обвинители денеска донесе едногласна одлука за разрешување на поранешната шефица на ОЈО ГОКК од функцијата јавен обвинител.

„Сосема е можно ова да е резултат на ‘мафијашка пресметка’ во правосудството, но како факт останува дека Русковска доби заслужена максимална деградација од Советот на јавни обвинители. Без оглед на околностите кои денес доведоа до тоа крајот на кариерата на Вилма Русковска да биде преку разрешување од функцијата обвинител, колку помалку ‘вилми’ има, толку подобро за правдата, довербата во судството и граѓаните“,
наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ во писменото соопштение.
Разрешувањето на Русковска од функцијата јавен обвинител од ВМРО-ДПМНЕ ја оценија како мала правдина за неправедно осудените, а вистинската правда, како што велат, ќе дојде со нивната слобода и со кривична одговорност за поранешната шефица на ОЈО ГОКК и за нејзините соучесници.
Советот на јавни обвинители денеска едногласно го усвои предлогот на Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност за разрешување на обвинителката, откако против неа и уште две нејзини колешки беше поведена дисциплинска постапка поради претресот во Управата за финансиска полиција пред речиси една и пол година.
Претходно членовите на Советот на ЈО едногласно одлучија да се одбие жалбата на Русковска во врска со предлогот за нејзино разрешување, по што се премина на гласање по предлогот за нејзино разрешување.
Во изјава за „360 степени“ Русковска вели дека не е изненадена од одлуката за нејзино разрешување. Посочи оти е разочарана што доста од предметите кои се почнати додека таа беше шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција сè уште се неразрешени, без да посочи на кои предмети конкретно мисли