Премиерот во денешната изјава рече дека станува збор за човек кој професионалната кариера ја гради од 1997 година во УБК, а потоа и во АНБ. Професионално се усовршувал и напредувал, рече Ковачевски велејќи дека повеќе нема што да се додаде
Димитар Ковачевски и Миле Зечевиќ да одговорат дали Зарко Милошевски направил погрешна проценка за Диво Насеље, прашува ВМРО-ДПМНЕ за новиот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и неговите активности за време кумановските настани во мај 2015.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, денеска на прес-конференција праша дали во тој период Зарко Милошевски бил началник за екстремизам и која била неговата улога.
„Тоа што Ковачевски и Зечевиќ не даваат одговори не значи дека прашањата бледеат. Напротив се појавуваат нови сознанија за вмешаност на пуленот на Зечевиќ во настани што сè уште ја потресуваат Македонија. Па затоа: Ковачевски и Зечевиќ би требало да одговорат каква е улогата на Зарко Милошевски во случајот Диво Насеље од 9 мај 2015 година? Дали Зарко Милошевски тогаш началник на единицата за екстремизам бил одговорен? Дали тогаш Зарко Милошевски е директно одговорен во УБК за проценка на состојбата, а толкава група да се сместила во градот?“,
рече Стоилковски, потсетувајќи дека Горан Николовски во 2017 година од позиција на директор на УБК рекол дека имало „лоша проценка“ за Диво Насеље.
Од опозициската партија прашаа и дали новиот директор на безбедносната агенција е парично наградат за Диво Насеље од страна на Владата односно дали тој е меѓу оние за кои СДСМ тогаш бараше да се објави списокот со наградени и да ги вратат парите.
Премиерот Ковачевски, пак, рече дека освен професионалната биографија на Милошевски нема што друго да додаде.
„Директорот беше поставен на седница на влада и можам да го повторам тоа што го соопштивме по назначувањето, а тоа е дека се работи за човек кој својата професионална кариера ја градел од 1997 година во МВР во тогашната УБК, потоа продолжува во АНБ каде извршува раководни позиции и којшто во текот на својата професионална кариера бил на низа обуки, доминантно во САД и Канада, токму во областа во која професионално се усовршувал и напредувал. Сега е директор на АНБ и не би имаш што повеќе да додадам“,
одговори Ковачевски на новинарско прашање за коментар за прозивките од ВМРО-ДПМНЕ.
Милошевски на функцијата директор беше назначен на владина седница на 14 декември годинава, а на местото дојде од позицијата помошник-директор на Одделот за безбедносни проверки и НАТО-регистар во АНБ.