ВМРО-ДПМНЕ утре ќе излезе на нов протест со автомобили против поскапувањето на струјата, најавија од партијата.
Во најавата за протестот тие нагласуваат дека за претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски има 120 000 денари плата, а за граѓаните поскапа струја.
Со возила, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе го почне протестот од пред Спортскиот центар „Јане Сандански“ во Аеродром, а ќе го заврши пред просториите на РКЕ.

Ова ќе биде четврти протест на опозицијата за струјата.
Првиот го организираа на 9 септември. Тогаш опозиционерите маршираа од пред Министерството за правда до РКЕ. Другите два протести (на 11 и на 17 септември), пак, беа со автомобили и започнуваа од пред Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Карпош до РКЕ.
Покрај за струјата, ВМРО-ДПМНЕ и нејзините поддржувачи организираа и други протести. Еден од нив (15 септември), им беше насловен „За ЕУ, за Гоце Делчев и за Македонија“.
Два други протести (на 23 септември и на 3 октомври), пак беа насловени „против неправди, реваншизам и политичко насилство“.
