Во пресрет на одбележувањето на 100 дена од својот мандат, Владата денеска ќе одржи тематска седница
Задолжувања, поскапувања, криминал и корупција. Вака од ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение ги оценија 100-те дена од работата на Владата на премиерот Димитар Ковачевски, нарекувајќи ја континуитет на претходните пет години власт на СДСМ.
„100 дена влада, исто како 5 години неуспеси и предавства, од Македонија има се помалку. 100 дена влада една милијарда задолжување. Ова се пари кои оваа влада ќе ги позајми за одржување на ликвидност, затоа што економијата пропаѓа од нивните лоши политики. 100 дена влада, еден обид за криење на убиство, украдено оружје од полициска станица во Охрид, украдено масло од марихуана вредни над 2 милиони евра од објект со десетици камери. 100 дена влада, отворање на клуб ‘Ванчо Михајлов’ со профашистички тенденции. 100 дена влада, 100 дена порази. 100 дена влада и 5 години СДСМ, 100% поскап леб, брашно, зејтин, 70% поскапи горива, 30% поскапа струја, 15% поскапо парно греење, а платите не се зголемија ниту еднаш. 100 дена влада и 5 години СДСМ, криминал и корупција во врвот на власта. Се бараа провизии за вакцини, тендери се местеа за блиски од власта, РЕК Битола се остави без јаглен на почеток на грејна сезона… Пет години СДСМ, 5 години како земјоделците мака мачат да го продадат произведеното. 5 години СДСМ, 5 години лаги дека само што не сме добиле датум за преговори, 5 години разочарувања и обезличувања…“
се вели, меѓу другото, во соопштението.
Во пресрет на одбележувањето на 100 дена од својот мандат, Владата денеска ќе одржи тематска седница.
Како што информираат од владината прес-служба, в петок во Националната опера и балет ќе се одржи Форум на кој се поканети претставници од медиумите, дипломатскиот кор, стопанските комори и граѓанските организации и здруженија.