На Клиниката за нефрологија раководството се спрема за заминување или организацискиот директор до последен момент по секоја цена треба да реализира тендер за молерисување ѕидови, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од комисијата за здравство на владејачката партија обвинуваат дека и денеска, за време на викенд, на клиниката се молерисуваат ѕидовите кои веќе биле молерисани пред извесен период.
„За која фирма станува збор, за каква набавка, што сè опфаќа набавката и за која сума? Дали се безбедни пациентите? Дали се постапува по процедурите предвидени со закон и дали се испочитувани насоките на Инспекторатот во вакви случаи?“,
наведуваат на Фејсбук од комисијата за здравство на ВМРО-ДПМНЕ.
Новиот министер за здравство Арбен Таравари веќе направи неколку директорски смени на клиниките и најави дека од понеделник ќе има нови назначувања, а што се однесува до економските – најавите се дека до крајот на неделата ќе бидат разрешени сите.