Додека во Белград тече првиот ден од саемот за вино и храна во рамки на Отворен Балкан, во Скопје опозицијата обвинува дека Владата троши по 100 000 евра на ден за овој настан и притоа забранува користење на „Македонија“ и „македонско“. Дека се потпишани договори кои тежат речиси 400 000 евра за услуги поврзани со активностите на саемот во Белград и за организација на еднодневен фестивал кај нас говорат и документите што може да се пронајдат на системот за е-набавки
На социјалните мрежи изминатите денови може да се забележат повеќе реклами за вина и традиционална реклама во кои може да се слушне дека се споменува зборот „македонски“

Владата среде криза дала 400 илјади евра за промоција на саемот за вино и храна во Белград и бара во рекламите и промоцијата да не се споменува „Македонија“ и „македонско“.
Со вакви обвинувања денеска излезе опозициската ВМРО-ДПМНЕ во пресрет на саемот „Винската визија на Отворен Балкан“ кој од денеска до 4 септември се одржува во српската престолнина под покровителство на трите држави кои се дел од иницијативата: Северна Македонија, Србија и Албанија.

„Не само што владата во ек на криза фрла 400 илјади евра за саемска промоција за 4 дена, односно по 100 илјади евра за еден ден, туку и со тие пари плаќа забранување на името Македонија во рекламите и промоцијата. Владата на антимакедонската СДС плаќа за да ја нема Македонија, а производите да не смеат да се ословуваат како македонски … Имено од владата бараат сите производи кои ќе се презентираат да немаат национално лого, и дополнително се бара од компаниите производите кои ќе ги презентираат да одат на проверка во владата, за да можат да се осигурат дека нема да се спомнува Македонија и македонско“,
обвини денеска на прес-конференција Ивица Томовски од Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Јавната набавка за услугите за промоција и изработка на реклами, како што посочија од партијата, ја добила агенцијата „Рејтинг“.
„Сето ова бришење на Македонија и македонски го прави Ковачевски и неговата партиска анкетна агенција Рејтинг, која за еден ден саемска промоција и забрана на Македонија и македонски добива 100 000 евра на ден. Ковачевски да одговори, дали владините служби за многу помалку пари не можеле да изготват целосна презентација и организација, или всушност се плаќа Рејтинг, за преку нив да оди бришењето на Македонија, а не директно преку владата? Или пак со ова де факто се плаќаат идните партиски услуги за СДС?“,
праша Томовски.
Од Владата засега нема одговор на прашањата што ги упативме во врска со обвинувањата што ги упати ВМРО-ДПМНЕ за цената и за „неспоменувањето на Македонија и македонско“.
На електронскиот систем за јавни набавки може да се пронајдат два договори кои генералниот секретаријат на Владата ги склучил со агенцијата „Рејтинг“. Двата се потпишани на 19 август 2022 година и предмет на договор и во едниот и во другиот се: „Услуги за осмислување и реализација на активности за учество на Република Северна Македонија на 4-дневен Саем на вино, храна и туризам во Белград, Република Србија и за осмислување и реализација на 1-дневен Фестивал на храна и вино во Република Северна Македонија“.

Вредноста на договорите е 4 546 540 денари (речиси 74 000 евра) односно 19 171 548 денари (околу 310 000 евра) или вкупно 23 718 088 денари (околу 385 000 евра).
Ниту во двата договори, ниту во огласот што, исто така, е достапен на системот за е-набавки не се споменуваат детали и услови како некористење на зборовите „Македонија“ и „македонско“, а во делот за квантитативна и квалитативна контрола за извршување на услугите се споменува дека тоа се утврдува со записник потпишан од двете договорни страни.
„Во текот на извршувањето на услугите, се проверуваат карактеристиките на секоја позиција од спецификацијата, дали соодветствуваат со понуденото решение“,
пишува во дел од членот 11 од двата договори.

Во меѓувреме, пак, на социјалните мрежи изминатите денови во пресрет на саемот се појавија повеќе рекламни фотографии и видеоспотови во кои се промовираат традиционални јадења и вина. Дел од нив се објавени и на официјалната страница на премиерот Димитар Ковачевски на Фејсбук, додека повеќе може да се пронајдат на страницата насловена „Taste life – Вкуси го животот“ – слоган под кој Владата најави дека ќе се претставува на саемот во Белград.
Во нив може да се забележи дека се употребува зборот македонски.
„Ова не е само тавче-гравче. Ова се векови традиционална македонска кујна, кујна негувана и усовршувана во топла пријатна клима;
Ова се долги години лозарска традиција пренесувана од генерација на генерација за да се создаде таа совршена уникатна арома на македонскиот нектар од грозје“,
се слуша во рекламите објавени на социјалните мрежи.
„Вкуси македонско вино“, „вкуси македонска храна“, „вкуси македонска авантура“, пак, се дел од пораките на плакатите.

Зборовите „македонско вино“ и „македонска кујна“, исто така, можеа да се слушнат и во денешниот говор на премиерот Димитар Ковачевски на саемот во Белград.
На настанот кој се организира во рамки на иницијативата Отворен Балкан од земјава учествуваа вкупно 42 винарници и три дестилери кои на посетителите, според најавите, ќе им презентираат над 300 различни типови македонски вина и ракии. Во однос на претставувањето на македонската кујна, пак, како учесници се појавуваат десетина производители на храна.
Како продолжение на овој Саем во Белград, Владата на 7 септември ќе организира и регионален Фестивал на храна и вино во Струмица, кој ќе се одржи во соработка со организацијата Егзит, која е организатор и на истоимениот фестивал.