Не е точна изјавата на министерката Царовска дека нема друга опција во однос на проблемот со матурата. Опцијата е да ги поддржи измените на законот што се предложени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, кои во целост ги содржат барањата на матурантите, реагираат од опозициската партијата на интервјуто на министерката за образование и наука Мила Царовска за МИА, каде што вели дека нема друга опција освен да се спроведе државната матура.
Барањата на средношколците, кои се предочени во предлог-законските измени, велат од ВМРО-ДПМНЕ, не се за укинување на матурата, туку за намалување на предметите за полагање матура оваа учебна година.
„Учениците, поради неспособноста на оваа власт, оваа учебна година се соочија со низа на проблеми за одвивање на наставата. Задоцнетото започнување на учебната година, немањето на концепт за онлајн или физичко присуство на наставата, илјадници ученици немаа услови за следење на онлајн настава, се само дел од причините за прифаќање на барањата на матурантите. Ги повикуваме сите парламентарни партии во Собранието на Македонија, да ги прифатат предлог измените на Законот за средно образование, бидејќи тие измени се барања на матурантите“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Царовска во интервјуто рече дека како министерка има обврска да го спроведува доследно законот, а законот е јасен, државната матура е дел од законското решение.
„Тоа е и обврска за сите оние што сакаат да го продолжат своето образование кон високо во државата или надвор од неа. Учениците имаат право, а ние имаме обврска да им го оствариме тоа право на полагање државна матура. Сите ученици што сакаат да полагаат државна матура до крајниот рок, крајот на декември, ги пријавија и предметите и проектната задача. Голем дел од нив и се спремаат и сметам дека ние навистина немаме право да им го ускратиме правото на полагање матура поради тоа што ако министерот покаже дека не го почитува Законот, што останува за останатите. Ние треба да бидеме пример и затоа во согласност со Законот јас немам друга опција освен да ја спроведам државната матура“,
рече Царовска во интервју за државната агенција МИА.