Првиот амандман, како што изјави пратеникот на опозицијата Бојан Стојановски, е за зголемување на средствата за студентски оброк од 120 денари, како што предлага мнозинството, на 160 денари, додека пак вториот е за продолжување на рокот до крајот на учебната година, наместо до март 2023 година
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе два, како што велат, суштински амандмани на предлог-законот за субвенциониран студентски оброк, кој е единствена точка на дневен ред на денешната седница Комисијата за финансирање и буџет.

Собранието вчера ја изгласа потребата од носење на предлог-законот по скратена постапка.
„Ќе поднесеме два клучни и суштински амандмани, преку кои уште еднаш ќе се обидеме да ја одвратиме власта од својата намера и да ја извадиме на површина нивната лажна грижа за студентите“,
изјави пред почетокот на седницата на собраниската Комисија, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојановски.
Како што најави, првиот амандман е за зголемување на средствата за студентски оброк од 120 денари, како што предлага мнозинството, на 160 денари, додека пак вториот е за продолжување на рокот до крајот на учебната година, наместо до март 2023 година.
„Јавноста и студентите мора да знаат дека овие наши предлози, колегите пратеници од мнозинството во изминативе денови, ги одбија. Но, еве уште една можност за власта да се вразуми и да ги прифати нашите амандмански интервенции на Предлог-законот за субвенциониран студентски оброк. Доста е од разно-разни лажни работни групи, средби, преговори, договори и преддоговори. Сега е време власта да покаже на дело дали за нив студентите се на врвот на приоритетната листа или пак се наоѓаат на самото дно заедно со останатите групи и категории на граѓани“,
рече Стојановски.
Пратеникот на опозициската партија најави жестока дискусија и аргументирана расправа за одбрана на интересите и потребите на студентите. Тој ја повика власта да се вразуми и да ги прифати нивните предлози и забелешки.
„Власта барем денес, на Меѓународниот ден на студентите, мора да сфати дека студентите се темелот на иднината на државата. Власта барем денес, мора да покаже дали заложбите и намерите им се искрени и вистински или пак празни и лажни“,
порача Стојановски.
Потребата за носење на Предлог-законот по скратена постапка ја поддржаа 54 пратеници, кои гласаа „за“ и Собранието ги задолжи Комисијата за финансирање и буџет, како матично работно тело и Законодавно-правна комисија да расправа по предлогот.
Министерот за образование Јетон Шаќири денеска изјави дека оваа Влада го воведе и субвенционираниот студентски оброк и оти не постои никаква намера тој да биде укинат.
„Напротив имаме за цел законското решение кое го регулира искористувањето на оваа мерка, да биде надградено, а во иднина износот да биде уште поголем од тој што сега се доделува на дневна основа и е во висина од 120 денари. Деновиве почнуваме дискусија со студентите за изнаоѓање на најдоброто системско решение кое ќе се применува од март или април следната година, а до тогаш ќе имаме исплата по постојните услови и тоа ретроактивно“,
нагласи Шаќири на настан во организација на Факултетот за земјоделски науки и храна при УКИМ во Скопје, а по повод Меѓународниот ден на студентите – 17 ноември.

Универзитетските студентски собранија при УКИМ, Штуловиот универзитет, ФОН, Американ колеџ, ФОП, универзитетите од Битола и Штип и движењето „Студентски отпор“ денеска попладне од 17.30 часот, од Влада до Министерството за образование и наука, на марш обединето ќе ги бараат своите права.
УСС на УКИМ објави дека борбата на студентите е заедничка и дека само сплотени и заедно ќе успеат да ги заштитат нивните права и ќе ги исполнат нивните барања: издвојување средства од буџетот за подобри услови во студентските домови, изземање на студентите од антикризните мерки, целосно спроведување на Законот за студентски оброк и зголемување на сумата, изедначување на стипендиите, подигнување на квалитетот на образованието и дигитализација.