Се очекува овој пат да бидат познати и имињата на кандидатите за скопските општини, додека за градот Скопје дел медиуми шпекулираа денеска со името на претседателката на Сојузот на стопански комори
Наредната седмица, ВМРО-ДПМНЕ ќе излезе со листа на кандидати за градоначалници за изборите во октомври, соопштија вечерва од партијата.
„ВМРО-ДПМНЕ, во најскоро време, во текот на наредната недела, ќе излезе со официјална листа на имиња за кандидати за градоначалници во најголем дел од општините за наредните локални избори, што ќе се одржат на 17 октомври“,
информираа од партијата, демантирајќи информации што излегле во јавноста како официјален брифинг од ВМРО-ДПМНЕ за имиња на кандидати за градоначалници.
Сител, повикувајќи се на високи партиски извори, објави вечерва имиња на можни кандидати на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалници на скопските општини, додека за градот Скопје се посочува дека во игра се се уште повеќе имиња, но најмногу шанс, наводно, има претседателката на Сојузот на стопански комори, Даниела Арсовска.
По распишувањето на изборите, на 6 овој месец, од понеделник (16 август) почнува собирањето на потписи за поддршка на независни кандидатури за градоначалници и за советници. Рокот за доставување на кандидатурите за градоначалници и на листите за советници, пак, истекува на 11 септември на полноќ, независно дали станува збор за кандидати на партии/коалиции или на група избирачи.