Министерот Османи наместо да црта на табли, требаше да ја заврши својата работа и да упати остра нота за реториката на бугарските државници упатени на самиот ден Илинден, реагира ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот настап на шефот на македонската дипломатијата.
„Додека бугарскиот претседател и премиер ги омаловажуваа македонската историја и македонската борба за државност, Бујар Османи со потценување ги убедува граѓаните дека треба да се направат промени на македонскиот Устав под бугарски диктат. Игнорантниот однос на владата на Ковачевски кон кон својот народ се претвори и во отворена ароганција“,
пишува во соопштението упатено од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека министерот може каде сака да пишува, но тоа нема да го промени фактот дека источниот сосед отворено најавува нови и нови условувања кои имаат крајна цел однародување на Македонците.
„Од Софија пристигаат пораки за менување на учебници, историски наративи за ликови и настани од македонската историја, како услов за нашето пристапување кон Европската Унија“,
се наведува во писмената реакција.
ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека министерот Османи своето време требаше да го троши на барање институционални гаранции од ЕУ дека нашите евроинтеграции нема да се претворат во вечни преговори или во подвижна цел или барем да ја прифати нивната подадена рака.
„Сега единствено што му преостанува на Османи е да си напише на табла ОСТАВКА, ама вистинска, која ќе стапи на сила веднаш, заради катастрофалната дипломатија која ја води. Оваа влада и нејзиното барање за промена на Устав под бугарски диктат се удри во ѕид и единствено решение за ќорсокакот се избори“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.