Опозициската ВМРО-ДПМНЕ му испрати одговор на претседателот на Собранието, Талат Џафери, со комплетно истата форма на интерпелацијата за него, која ја поднесе и првично бидејќи смета дека собранискиот спикер неосновано им ја вратил.
Тој ја врати повикувајќи се на членот 136 од Деловникот, односно некористењето на уставното име, а координаторот на пратеничката група на најголемата опозициска партија, Никола Мицевски, вели дека тоа е неосновано.
„Сметаме дека враќањето на поднесената интерпелација повикувајќи се на усогласување на членот 136 од Деловникот на Собранието и позитивното право е неосновано и спротивно на Деловникот на Собранието на Република Македонија. Укажуваме дека интерпелацијата и нејзината форма се единствени и дека врз нив не се применуваат одредбите коишто се однесуваат на предлог на закони како што е наведено во самото барање односно не се повикуваат на членот 136 од Деловникот. Членот 136 се однесува на поднесување на предлог на закони, а интерпелацијата и нејзината форма не е предлог на закон. Така што, одговорот е поднесен до претседателот на Собранието, очекуваме службите да го обработат и истиот да стигне кај претседателот“,
изјави Мицевски.
Зад интерпелацијата на Џафери стои и Левица, а главната причина за интерпелацијата е тоа што тој говореше на албански јазик пред Комитетот на министри на Европскиот парламент (ЕП) во Брисел.
