Не е коректно што уставните измени патуваат кон Собранието, стокмени и напишани, по бугарски терк, а премиерот зборува за лидерска средба, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Ковачевски наместо за граѓаните работи за агендата и приватните интереси на ДУИ. Така изгледа уценет премиер кој по принципот купи ден помини се задржува на функција. Ова е дел од одговорот кој опозициската ВМРО-ДПМНЕ го испрати по денешната изјава на премиерот Димитар Ковачевски во која тој рече дека доколку не се усвојат уставните измени Северна Македонија ќе остане во изолација како што беше во периодот од 2006 до 2016 година.
„Не е точна тезата на Ковачевски дека ако не се случат уставните измени ќе имаме изолација. Изолацијата веќе Ковачевски ја донесе со прифаќање на сите бугарски диктати. Кога нема да се случат уставните измени единствено што е сигурно е дека Ковачевски ќе треба да си даде оставка“,
се вели во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Што се однесува до лидерската средба од ВМРО-ДПМНЕ велат дека премиерот Ковачевски треба да се однесува посериозно.
„Не е коректно што уставните измени патуваат кон Собранието, стокмени и напишани, по бугарски терк, а премиерот зборува за лидерска средба“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека не е во прашање блокада на проектите од опозицијата, туку блокада за криминал и неспособност.
„Никогаш не била спорна потребата за изградба на Коридорите 8 и 10-д, спорно е што ќе се потрошат неколку милијарди евра за спорен договор, договорен без тендер, во четири очи со бројни сомнежи за корупција и тоа на грбот на граѓаните. Додека народот зема 250 евра плата, специјалистите договорени со договорот на Ковачевски и Груби ќе земат 36 илјади евра месечно. Спорно е и што македонските градежни компании ставаат клуч на врата, а компанијата која владата ја договори ќе земе над 300 милиони евра аванси и пенали без фрлена лопата. Историскиот проект завршува со историско крадење“,
се додава во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.