Реакцијата на опозицијата следува откако премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „360 степени“ вечерва нагласи дека парламентарното мнозинство е стабилно и брои 64 пратеника
СДСМ има „килаво“ мнозинство кое го одржува со притисоци, криминал и уцени, реагираат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, откако премиерот Димитар Ковачевски во интервју за „360 степени“ вечерва нагласи дека парламентарното мнозинство е стабилно и брои 64 пратеника. Иако е стабилно, премиерот посочи дека секогаш постои можност и потреба, заради окрупнување на одреден блок, во мнозинството да влезат нови политички субјекти.
На ова, од ВМРО-ДПМНЕ велат оти власта нема стабилно мнозинство и повторно повикаа на предвремени парламентарни избори.
„Ден или месец повеќе власт за Ковачевски не ги решава проблемите за Македонија, само личните апетити на неколку луѓе од врвот на СДС и ДУИ. Со оваа влада Македонија тоне“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ во писменото соопштение.
Во соопштението, опозициската партија упати и критики до власта за односите со Бугарија, за според нив, непридвижувањето на земјава кон ЕУ, високата стапка на корупција и криминал и ниската стапка на инвестиции.
„Ковачевски една година и еден месец е премиер, а не понуди ниту едно решение, нема ниту еден проект, само нови проблеми и назадување. Наместо да се крие зад уцени на пратеници, ајде на избори“,
заклучија од ВМРО-ДПМНЕ.