Ден по донесувањето на Законот за јавно обвинителство, власта и опозицијата со дијаметрално спротивставени ставови околу содржината и начинот на неговото изгласување во парламентот. Опозицијата најавува можна претставка до Уставниот суд
Правниот тим на ВМРО-ДПМНЕ ќе го разгледа начинот на кој се донесе Законот за јавно обвинителство за да видат дали има можности за дејствување, кажа потпретседателот на најголемата опозициска партија Александар Николовски во денешното гостување на „Утрински брифинг“. Според него, Уставниот суд ќе мора да се изјасни за повтореното гласање вчера во Собранието при носење на Законот. Во поглед на содржината, како најспорен го гледа членот 110.
„Членот 110 обезбедува три амнестии. Обезбедува идна амнестија на сите функционери од СДСМ, вклучувајќи го и Заев за кој има индиции за сторен криминал. Според мене, обезбедува амнестија за дел од случаи кои се веќе отворени во редовното јавно обвинителство и обезбедува амнестија за оние од ВМРО-ДПМНЕ, од претходното раководство кои влегоа во сојуз со Заев. Членот 110 ја обезбедува оваа амнестија“
кажа Николовски.
Потпретседателот на владејачкиот СДСМ, Мухамед Зекири, е убеден дека Законот е европски. Вели дека никој нема да биде амнестиран.
„Неизвесно беше до самиот крај и успеавме да ги убедиме дека ова е најдоброто решение зад кое стоиме ние, стои и европската заедница. Да предвидува законот нешто такво (ослободување на одредени личности од обвиненија), мислите ЕУ и САД ќе стоеја зад законот? Тие инсистираа да се донесе, во консултации со нивни експерти беше донесен законот. Ние сме убедени дека со овој закон се обезбедени сите предмети што беа покренати од Специјалното јавно обвинителство. За спорниот член 110, за користењето на снимките, ниту една што е после рокот за покренување на постапки нема да се изгуби. Бомбите претежно се индиции, ама сите предмети се со материјални докази, ќе продолжат да се користат во сите тие предмети. Ако некој е за правда, зошто им пречеше овој закон?“,
вели Зекири.
Тој укажува и каква била атмосферата во Собранието деновите пред носењето на Законот.
„Имаше притисок секаде каде што сметаа дека можеа да најдат подлога за притисок. Ќе ги спомнам со име, Илија Димовски беше еден од најгласните и тој по кулоарите и по ходниците на Собранието трчаше речиси кај секој пратеник каде што мислеше дека може да влијае, да разговара со нив и да врши притисок да не се гласа Законот. Тоа не го правеа кон шесте пратеници што беа исфрлени од ВМРО-ДПМНЕ, тоа го правеа и кон одредени претставници на албанските политички партии, дури и ДУИ, дури и опозициските партии велејќи им да не се гласа, и тоа секој ден. Секој ден растеше притисокот кон тие пратеници, но сите беа свесни што треба да прават и не подлегнаа на притисоци“,
рече Зекири.
Со оспоруваниот член 110 од Законот за јавно обвинителство се предвидува прислушувани разговори да не можат да бидат основа за подигнување обвиненија, туку тие само да служат како индиции. Исклучок од ова веќе законско правило ќе бидат предметите на СЈО покренати до 30 јуни 2017 година. Сите прислушувани разговори што не се предадени во Судот како докази или индиции во истраги, Законот предвидува да се уништат.


Собранието вчера, пред да се распушти за предвремените парламентарни избори, со 80 гласа „за“ го донесе Законот за јавно обвинителство, но по повторено гласање. Првичното изјаснување спикерот Талат Џафери го поништи поради тоа што некои пратеници реагирале дека нивниот глас не е регистриран, откако на екранот се појавија 74 гласа „за“.
По поминување на собранискиот филтер и претседателот Пендаровски уште вчера веднаш го потпиша Указот за прогласување на Законот, а на опозициската ВМРО-ДПМНЕ која го прозва и порача дека не смее да не потпишува указ за закон донесен во парламентот со двотретинско мнозинство. Им порача и на нив и на секој граѓанин, забелешките во начинот на гласањето да ги достават до Уставниот суд како инстанца надлежна за одлучување.
Донесувањето на Законот го поздравија и ЕУ и САД.
Поврзани вести: Пофалби од Брисел за донесувањето на Законот за ЈО
Брнс: Постигнат е значителен напредок во изминатите три години
–