Пратеникот Бојан Стојановски од редовите на ВМРО-ДПМНЕ најави оти ќе поднесат пет амандмани со четири суштински забелешки за кои ќе се разговара на Комисијата за финансирање и буџет и се надеваат оти власта ќе ги прифати
ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа „за“ предложените мерки од Владата, иако смета дека се задоцнети и недоволни, но од партијата најавуваат и оти ќе поднесат пет амандмани со четири суштински забелешки.
„Ние ќе гласаме ‘за’ предложените мерки, иако сметаме дека се задоцнети. Многу од мерките веќе беа предложени од опозицијата претходно уште пред дваесетина дена, а на 28 февруари се поднесени како предлози во Собранието. Зошто Владата одбива да ги прифати предлозите на опозицијата, не знам, но гледаме дека се она што ќе се одбие, по неколку дена се прифаќа. Арогантно не повикуваат да ги прифатиме мерките кои ние сме ги предложиле“,
изјави Бојан Стојановски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ пред одржувањето на денешната собраниската седница.
Стојановски најави оти ќе поднесат пет амандмани со четири суштински забелешки за кои ќе се разговара на Комисијата за финансирање и буџет и се надеваат оти власта ќе ги прифати.
Оттаму велат дека ќе побараат 50 проценти намалување на акцизата за бензинот и дизел горивата, 100 отсто намалување на акцизата за плинот и метанот, намалување на ДДВ за греењето од 5 на 0 отсто, намалување на ДДВ за енергентите од увоз од 18 на 5 проценти и тоа да трае до крајот на годинава.
Предмалку премиерот Димитар Ковачевски преку фејсбук-статус ги повика сите пратеници да ги усвојат измените на Законите за ДДВ и за акцизи и нагласи оти во моментов ова е најголемиот приоритет.
„Мора сите заедно да дадеме максимум и да обезбедиме брза и итна имплементација на сите мерки кои ќе значат заштита на животниот стандард и ликвидност на компаниите“,
напиша Ковачевски на Фејсбук.
За попладнево во 15 часот беше закажана седница на Собранието на која ќе се разгледуваат предлозите на Владата за измени на законите за акцизи и за ДДВ.
Според Владата, измените и дополнувањата треба да бидат донесени во итна собраниска постапка за да се обезбеди намалување на највисоките малопродажни цени на бензините и другите нафтени деривати.