Иницијативата на опозициската партија, базирана на „Манифестот“ на МАНУ, УКИМ и МПЦ-ОА, првично наиде на критика од владејачкиот СДСМ, од каде што оценија дека „ако Мицкоски не е сигурен во својот идентитет, во јазикот што го зборува, нема потреба да поднесува резолуции“
ВМРО-ДПМНЕ во следните денови ќе ја поднесе до Собранито предлог-резолуцијата за дефинирање на македонските црвени линии во однос на идентитетските прашања во спорот со Бугарија, што во петокот ја најави партискиот лидер Христијан Мицкоски, а денеска целиот текст го презентираше пратеникот Антонио Милошоски, претседател на собраниската Комисија за надворешни работи.
Резолуцијата, како што рече Милошоски, ги дефинира македонските државни позиции за евроинтеграции, но исто така и позиции по однос на какви било негирања на македонскиот јазичен, културен или национален идентитет, бидејќи тоа е спротивно на европските вредности.

Според Милошоски, Собранието како законодавен дом е вистинското место каде што, наместо поларизација, политичките сили треба да се обединат и да донесат заедничка резолуција. Тој ги повика партиите од владејачката колаиција да го разгледаат предлогот, а ВМРО-ДПМНЕ, како што најави, наредниот период ќе разговара за поддршка со партиите од опозицијата, но и со неколку партии од мнозинството.
„Владејачката коалиција, опозициските партии и секој пратеник поединец би било добро да ја разгледа оваа предлог- резолуција и ние во следниот период ќе направиме напори за оваа предлог резолуција во Собранието да разговараме со пратениците од Алијанса, Алтернатива, од ЛДП, од ДОМ, од Демократски сојуз, од Левица, и од други партии кои ценат дека една заедничка политичка резолуција ќе ги зајакне македонските дипломатски позиции, а исто така ќе упати една праведна и јасна порака и до Бугарија и до нашите пријатели во ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ смета дека ваквиот пристап би бил сериозен и одговорен, и носењето на една заедничка политичка резолуција за македонските национални позиции за евроинтеграциите, врз основа на македонскиот идентитет како европска вредност е корисна работа и граѓаните тоа би го поздравиле“,
рече Милошоски.
Тој посочи дека резолуции по националните прашања се носат и во Бугарија, и во Германија, и во Словенија, и во Романија, и во Италија и нагласи дека оваа предлог-резолуција се заснова на повелбата на Обединетите нации и на Конвенцијата за човекови права на Советот на Европа од Стразбур.
Мицкоски, пак, во петокот, најавувајќи ја предлог-резолуцијата, во неколку наврати потенцираше дека таа не е ексклузивен текст на ВМРО-ДПМНЕ, туку дека се базира на ставовите на МАНУ, УКИМ и на МПЦ-ОА, што беа презентирани во посебен документ насловен „Македонски манифест“.
Иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за резолуцијата првично наиде на критика од владејачкиот СДСМ, од каде што оценија дека „ако Мицкоски не е сигурен во својот идентитет, во јазикот што го зборува, нема потреба да поднесува резолуции“.
„Македонскиот јазик и македонскиот идентитет се меѓународно потврдени и признаени и нема потреба од било каква расправа за тие прашања, особено не во македонското Собрание“,
реагираа од СДСМ.