СДСМ вчера објави 19 кандидати кои ја добиле согласноста од Извршниот одбор на својата партија да се борат за мандат на локалните избори во октомври

СДСМ уште еднаш ја покажа својата политичка немоќ и потценувањето на граѓаните со тоа што предложи кандидати за градоначалници кои се синоним за неспособност, слаб рејтинг и партиска послушност кон Зоран Заев, соопштија денеска од ВМРО-ДПМНЕ откако најголемата опозициска партија вчера објави дел од кандидатите за градоначалници на претстојните локални избори што треба да се одржат во октомври.
„Овие кандидати се директно избрани од Заев, а изгласани од Филипче и новото раководство на СДС кое беше трет и четврт ешалон во времето на Заев, односно деца и послушници на Заев. Оваа стратегија за изборите е правена од Заев и Филипче пред само некој месец кога говоревме дека овие двајца се во Дубаи, тогаш тие ковале план за Кочани да им биде таргет. Очигледно е дека овие кандидати се ставени колку да не е без ич, со оглед на тоа дека и оние кои беа досега градоначалници од СДС, не направија ништо за своите општини, освен празнење на општинските каси, нула проекти и развојот одеше во надолна линија. Нивните општини стагнираа, а граѓаните беа оставени сами со своите проблеми“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека кандидатите на СДСМ и биле познати на јавноста по тоа што биле тепачи на жени, манипулатори, луѓе кои кои биле полни со скандали и криминал.
„Некогаш големата СДС, сега е пред распад. ВМРО-ДПМНЕ ќе биде апсолутен победник на локалните избори“,
порачаа од владејачката партија.
СДСМ вчера објави 19 кандидати кои ја добиле согласноста од Извршниот одбор на својата партија да се борат за мандат на локалните избори во октомври.
На листата што ја објави Филипче има петмина актуелни градоначалниви и тоа на Центар, Чучер Сандево, Крива Паланка, Росоман и Крушево, а другите 14 кандидати се нови имиња и дел се претседатели на општинските организации на партијата.
Како што брифираа вчера од партијата, СДСМ свои кандидати за градоначалници нема да има во неколку општини. Станува збор за општини во западниот дел од земјата и тоа во Тетово, Гостивар, Дебар, Струга и во Желино.
Без свои кандидати СДСМ ќе биде и во две скопски општини – Сарај и Чаир.
Во сите овие општини, СДСМ ќе има само листи за советници.