Именувањето на Миликије Халими за нов директор на АД „Аеродроми“ спаѓа во рубриката „верувале или не“, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Од опозициската партија прашуваат како поранешната градоначалничка на Арачиново од редовите на СДСМ стигнала до оваа позиција и кои се нејзините квалитети за токму таа да биде избрана?
„Дали има соодветни вештини, знаење или искуство? Да бидат срамот и дното поголеми, Миликије Халими уште им се заблагодарува на СДС за кадровскиот избор кој го направиле и нејзе ја именувале на оваа позиција. Ова е срам за СДС, за владата, но најстрашно од се е срам за Македонија. Човек со средно медицинско образование ќе одлучува за аеродромските услуги во Македонија,“
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека станува збор за некомпетентен кадар, а на одговорност го повикуваат и премиерот Ковачевски.
„Ова е кадровската политика на СДС, целосно некомпетентни кадри да ги стави на одговорни позиции, како да се работи за шега, а не за раководење на државни институции. Всушност заради ваков тип на ’Миликије – кадровски политики’ пропаѓа системот, институциите и државата, а младите и компетентните се селат. Ковачевски да одговори како Миликије е избрана? Тој е директно одговорен како формален претседател на СДС за кадровскиот избор“,
соопшти ВМРО-ДПМНЕ.