„Имајќи ја предвид тежината на обвинувањата што ги искажа во интервјуто, независно од истакнатото, приморани сме да побараме тоа да го докаже во редовна постапка пред македонските судови. Истовремено, веруваме дека до тогаш јавноста и на писмено ќе се увери во вистинската психолошка состојба на оваа личност“, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ по вечерашното интервју на скопската градоначалничка
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение изрази сомнеж за, како што се вели, психичката состојба на скопската градоначалничка Данела Арсовска, откако таа во вечерашното издание на емисијата „Само интервју“ кажа дека добивала директни закани од лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
„Крајно сме загрижени за психофизичката состојба во која се наоѓа градоначалничката Арсовска. Сметаме дека постојат основани сомнежи, кои се манифестираат во континуитет неколку месеци наназад, за здравствената способност таа да ги извршува надлежностите што ѝ се доверени. Арсовска има должност, со оглед на тешките последици врз скопјани што се предизвикани од нејзината деструктивност и компулсивност, да ѝ достави на јавноста релевантен лекарски доказ од кој ќе се увиди дека таа е навистина психички здрава личност“,
се наведува во партиското соопштение.
Она што градоначалничката Арсовска го кажа во вечерашното интервју на Канал 5 Телевизија, од партијата го оценија како лага и тешко обвинување и побараа од неа кажаното да го докаже на суд.
„Имајќи ја предвид тежината на обвинувањата што ги искажа во интервјуто, независно од истакнатото, приморани сме да побараме тоа да го докаже во редовна постапка пред македонските судови. Истовремено, веруваме дека до тогаш јавноста и на писмено ќе се увери во вистинската психолошка состојба на оваа личност“,
додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во вечерашното гостување во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 Телевизија кажа дека лично добивала притисоци и закани од лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Сум имала закани од Христијан Мицкоски. И тоа конкретно, лично и директно. Со зборовите ‘Доколку не го направиш ова ќе ти се случи тоа и тоа. Во првиот момент кога ќе станам премиер ќе те влечеме по улици, ќе го бришеме подот со тебе’. На оној којшто ги искажува овие закани не треба да му се дозволи во ниту еден момент да биде во функција во која може да ги исполни сите овие закани“,
рече градоначалничката Арсовска во емисијата „Само интервју“.