Литар гориво ќе има иста цена и во Македонија и во Германија, со таа разлика што во Германија платите се десетпати поголеми, велат од опозициската партија
Покачувањето на цената на горивата не е последица на растот на цената на нафтата на светските берзи, туку последица на високата акциза на СДСМ со која ќе го полнат буџетот, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ откако на полноќ почнаа да важат нови повисоки цени на горивата.
Новите цени од синоќа донесоа поскапување на литар дизел од 86 на 95 денари, на бензинот еуросупер БС-95 од 95 на 104 денари, а на еуросупер БС-98 од 97 на 106,5 денари.
„И додека Ковачевски во Македонија удира по народот, во Германија ќе има намалување на даноците за горивата и до 30 евроценти по литар. Германската влада излезе со образложение дека нема да дозволи народот да ја почувствува кризата, со тоа практично еден литар гориво ќе има иста цена и во Македонија и во Германија, со таа разлика што во Германија платите се десетпати поголеми. Високите цени на горивата се само поради криминалот на Владата, која не работи ништо и мисли дека со високи цени на горивата ќе го полни буџетот“,
реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Тие прават споредба и со цените на горивата во 2008 година велејќи дека тогашната нивна влада успешно менаџирала со ситуацијата.
„Имено, на 2 јуни 2008 година кога барел нафта чинеше 140 долари, на 6 јуни РКЕ тогаш донесе одлука со која бензинот се продаваше за 75,5 денари, а дизелот за 74.5 денари. Сега барелот нафта е 116 долари, а цените на горивата се за 50% поскапи од 2008 година“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Инаку, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вчера најави дека ќе поднесе предлог-закон со кој ќе бараат ДДВ за течните горива да биде пет отсто до крајот на оваа година. Според најавите, тие ќе предложат и прехранбените производи ќе бидат ослободени од ДДВ до крајот на годината, односно до 31 декември 2022 година, со оглед дека ваквата мерка заврши вчера.