Ако Груби платил 100 илјади евра за 130 квадратни метри, тогаш излегува дека имотот вреди околу 700 евра по квадратен метар. Во Скопје, велат од партијата, за 700 евра по квадратен метар не може да се купи ниту во најпериферните делови, а не пак во најстрогиот центар
Денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по вчерашното интервју на првиот вицепремиер во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, во кое Груби рече дека неговиот брат го купил деловниот простор во центарот на Скопје за 100 000 евра со хипотекарен кредит што го подигнал од банка како физичко лице
Ако имотот во центарот на Скопје братот на првиот вицепремиер Артан Груби го купил за само 100 000 евра, тогаш станува збор за уште поголем скандал бидејќи тоа значи дека семејната фирма на вицепремиерот во владата на Димитар Ковачевски набавил имот по екстра багателна цена, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку писмено соопштение.
Опозициската партија неделава почна со серија прес-конференции на кои пратеникот и член на извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, излезе со наводи дека членови на семејството Груби се стекнале со имоти и бизниси што им го овозможиле функционери на ДУИ.
Денешната реакција на ВМРО-ДПМНЕ доаѓа по вчерашното интервју на првиот вицепремиер во емисијата „Само интервју“ на ТВ Канал 5, во кое Груби рече дека неговиот брат го купил деловниот простор во центарот на Скопје за 100 000 евра со хипотекарен кредит што го подигнал од банка како физичко лице.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека со ова Артан Груби сè повеќе се заплеткал во скандалот со луксузниот имот на неговото семејство кој, како што наведуваат од партијата, го стекнале во време на криза.
„Груби говори дека имотот што го купиле во центарот на Скопје, на улица ‘Македонија’, со површина од 130 квадратни метри, го платиле само 100 илјади евра. Ако го платиле толку, тогаш скандалот е уште поголем бидејќи семејната фирма на вицепремиерот во владата на Ковачевски набавил луксузен имот по екстра багателна цена. Имено, ако Груби платиле 100 илјади евра за 130 квадратни метри, тогаш излегува дека имотот вреди околу 700 евра по квадратен метар. Груби може да се прави недоветен, но не може да ја потцени интелигенцијата на народот“,
се наведува во денешното писмено соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.
Во Скопје, велат од партијата, за 700 евра по квадратен метар не може да се купи ниту во најпериферните делови, а не пак во најстрогиот центар.
„Во тој дел од градот станбениот квадрат е над 2 000 евра па нагоре, а деловните се уште поскапи. Нека им објасни Груби на граѓаните како тоа тој може да купи толку евтин локал, а тие не можат. Затоа прашуваме дали Груби ја злоупотребил функцијата и влијаел неговото семејство да купи толку ексклузивен локал по толку евтина цена?“,
прашуваат од опозициската партија.
Оттаму оценуваат дека првиот вицепремиер станува нервозен оти прави сè повеќе грешки и дека не може да го покрие овој скандал со лаги и манипулации.
„Полека, но сигурно се разоткрива целиот октопод на Груби кој се богати додека Македонците и Албанците, но и сите други осиромашуваат. Впрочем, сè повеќе луѓе се охрабруваат да го осудат криминалот бидејќи криминалот нема етничка боја, а се крие зад наводни етнички теми. Тоа е стравот кај Груби бидејќи е разоткриен“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Груби во вчерашното интервју ги отфрли наводите и обвинувањата на ВМРО-ДПМНЕ оценувајќи ги како клевети и лажни вести. Тој посочи дека доколку партијата имала сигурни докази в раце ќе ги пријавела во обвинителствата.
Тој даде и свое објаснување во врска со купувањето на имотот, за кој рече дека работа на неговиот брат кој 20 години е во туристичкиот бизнис и дека тој немал никаква врска со неговата фирма.
„Деловниот простор не е купен од страна на фирмата на мојот брат туку е купен од страна на мојот брат со хипотекарен кредит од 20 години кој ќе се отплаќа во месечни ануитети во следните 20 години. Купен е исто така од физичко лице кој бил сопственик на деловниот објект. Компанијата на брат ми функционира 20 години во центарот на Скопје и нема никаква допирна точка со мене, со моето семејство. Ништо нема заедничко со таа компанија или со бизнисот. Во објектот каде што тој функционира киријата од 800 евра му се зголеми на 1 500 евра што стана нерентабилно како што ми објасни брат ми и веќе една година беше во потрага по деловен објект. Купопродажниот договор, кредитот во банката е 100 000 евра. Која банка би дала кредит за било кој деловен објект или за стан или за било кој бизнис доколку нема гаранција за сето тоа. Станува збор за клевети“,
рече Груби во интервјуто.