Наспроти повикот на премиерот за единство за стратешките приорити на земјата, од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека тој не може да говори за обединување се додека, како што велат од партијата, неговата елита се богати, а народот осиромашува
ВМРО-ДПМНЕ реагираше по говорот на премиерот Зоран Заев за Илинден, во Пелинце, обвинувајќи го за лицемерие и за погазување на илинденските и на асномските идеали.
„Зоран Заев лицемерно говореше денес за илинденските и за асномските идеали, истите оние што ги погази. Граѓаните ги паметат неговите зборови со кои ги омаловажуваше Народноослободителната борба и АСНОМ, со кои како на пазар тргуваше со Илинденското востание и с револуционерите од таа славна епопеја. Флоскулите кои денес ги кажува Заев се срамен обид да ги покријат неговите антимакедонки дела. Токму тие негови дела, наместо заштита на асномските и илинденските идеали, наместо заштита на идентитетот, дадоа повод на негаторите на македонскиот јазик, идентитет и историја во него да гледаат шанса да ги остварат своите цели“
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Наспроти повикот на Заев за единство за стратешките приорити на земјата, од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека тој не може да говори за обединување се додека, како што велат од партијата, неговата елита се богати, а народот осиромашува.
Заев не може да говори за обединување, кога неговата власт е таа која што креира поделби. Заев е тој кој што ги подели граѓаните, на мала елита која е околу него и огромно мнозинство народ кој ниту живее подобро, ниту чувствува слобода. Не може да говори за обединување додека неговата власт е извор на корупција и криминал, а народот го гледаат само како финансиер на нивното богатење.Не може да говори за обединување додека елитата која ја предводи е заштитена како бела мечка, а сите неистомисленици ги шиканираат и драконски ги судат. Не може да има обединување додека елитата која ја предводи нуди парцијални регионални соработки, додека народот очекува посветеност и работа за исполнување на клучната национална и државна цел, Македонија да биде член на широкото европско семејство“,
се наведува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.