Тимчо Муцунски, Оливер Зафировски, Тони Коњановски, Жан Дрвошанов… влегуваат во изборната трка како кандидати за градоначалници на опозицијата

ВМРО-ДПМНЕ на последните седници на Извршниот и на Централниот комитет ги утврди преостанатите кандидати за градоначалници во уште осум општини, меѓу кои и скопските Аеродром и Карпош.
Во Аеродром, како што објави вчера „360 степени“, како кандидат за градоначалник е утврден пратеникот Тимчо Муцунски, меѓународен секретар на ВМРО-ДПМНЕ и доцент на Правниот факултет во Скопје. За противкандидат од СДСМ, Муцунски ќе го има Александар Филиповски, кој се надева да го замени на функцијата досегашниот градоначалник и негов сопартиец Златко Марин.
Во Карпош, како што објавивме пред извесно време, опозициската партија реши да оди со лекарот Оливер Зафировски, специјалист педијатар, пулмоалерголог во Институтот за белодробни заболувања кај деца „Козле“, каде што беше и директор во период 2006-2017 година. Од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ на централно ниво, кандидат за Карпош е и поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски од ГРОМ, додека СДСМ и тука оди со нов кандидат – Душко Весковски, наместо досегашниот градоначалник Стефан Богоев.
И за Битола новиот кандидат за градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ е лекар. Односно потврдена е и информацијата за Тони Коњановски, општински советник и специјалист епидемиолог во Заводот за здравствена заштита-Битола како опозициски кандидат за градоначалник. Тој за противкандидат ќе го има бизнисменот Христо Кондовски, кого СДСМ го избра за кандидат наместо досегашната градоначалничка Наташа Петровска.
Жан Дрвошанов, дипломиран економист и сопственик на фирма за сметководствени услуги и финансиски консалтинг, е кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Струмица, кој за ривал од СДСМ ќе го има пратеникот Костадин Костадинов.
ВМРО-ДПМНЕ и на овие избори ќе има свој кандидат за градоначалник на Кичево, а тоа е Александар Јовановски, лекар.
Во Крива Паланка опозициски кандидат ќе биде Александар Рангелов, дипломиран политиколог, член на Советот на општината и поранешен директор на Центарот за култура во овој град.
ВМРО-ДПМНЕ утврди и кандидат за градоначалници на Старо Нагоричане и на Долнени, а тоа се Велибор Денковски, дипломиран филолог, кој своевремено бил ангажиран на проектот „Компјутер за секое дете“ и Ладо Глигороски, земјоделец.
ВМРО-ДПМНЕ, во изминатиот период, во повеќе наврати објавуваше кандидати за градоначалници за претстојните локални избори. Рокот за доставување на кандидатурите во ДИК истекува утре на полноќ.