Генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, наместо редовната прес-конференција, објави видеообраќање
Најдобриот начин за справување со вирусот е одбегнување на чести контакти со други луѓе, односно самоизолација, порачаа денеска и од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Во моментите кога пандемијата со коронавирусот се шири низ нашата држава мора одговорно и совесно да се однесуваме спрема своето здравје, а така ќе се однесуваме одговорно и спрема здравјето на своите блиски, но и кон самото општество. На овој начин, освен што го штитиме своето и здравјето на нашите најблиски, го спречуваме и шокот врз здравствениот систем од преголем број пациенти на кои им е потребна нега и третман одеднаш“,
рече генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, кој наместо редовната прес конференција објави видео обраќање.
Иста порака на ист начин преку видеообраќање упати и членот на ИК на оваа партија, Игор Николов, лекар по професија.
Тој истакна дека е потребна дисциплина во однесувањето и придржување до препораките на здравствените организации и здравствените лица, хигиена и внимателност во начинот на комуникација со другите луѓе и со блиските и порача граѓаните да останат дома.