Од партијата велат дека оваа институција која порано „беше на самиот врв на музејското работење во Македонија“ и претставуваше вистински репрезент на македонското културно наследство во државата и надвор од неа, денес е претворена во „полупразна зграда која е потполно нефункционална, валкана и хаотична“
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение ја обвини министерката за култура Бисера Костадинова – Стојчевска дека власта и таа како министер целосно го уништиле и цензурирале Археолошкиот музеј.
Од партијата велат дека оваа институција која порано „беше на самиот врв на музејското работење во Македонија“ и претставуваше вистински репрезент на македонското културно наследство во државата и надвор од неа, денес е претворена во „полупразна зграда која е потполно нефункционална, валкана и хаотична“.
„По посетата на Археолошкиот музеј на Македонија, министерката за култура Бисера Костадинова – Стојчевска, изјавува дека оваа културна институција постигнала и постигнува завидни резултати во своите дејности. Поттикнати од оваа констатација, ја потсетуваме министерката на некои непобитни факти и воедно ѝ поставуваме неколку прашања и се надеваме дека тие ќе бидат одговорени. Археолошкиот музеј на Македонија е музејот кој вие како власт и раководство целосно го уништивте и цензуриравте. Од институција која во времето на Владата на ВМРО-ДПМНЕ ја посетуваа над 28 000 посетители годишно, денес ја посетуваат едвај 5 000, и тоа претежно ученици преку нивните задолжителни екскурзии и по некој заскитан странец. Организираните странски групи намерно го заобиколуваат, иако поминуваат пред самиот влез на Музејот. Но ако сепак влезат внатре, тие ќе видат дека од трите музејски ката, кат и половина се целосно празни. Поточно, по Преспанскиот договор, нумизматичката збирка и целиот антички период се целосно отстранети, попрецизно, цензурирани“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму партијата велат дека тие што сакаат да купат сувенири не можат да го сторат тоа, затоа што со тоа се презентира Македонија и нејзиното културното наследство од кое власта јавно се срами.
„Понижувачки е фактот што во Музејот повеќето тоалети не се во функција, а тие што се отворени се во очајна состојба. По одржаниот состанок, министерката е импресионирана од „завидните“ резултати на институцијата, од соработката со други установи, од „истражувањата“ и од издавачката дејност… Вистинска енигма се резултати од истражувањата што ги наведува министерката затоа што во изминатите години тие се целосно непознати за јавноста, а, од друга страна, тие се обврзни според законските прописи. Но, затоа „завидни“ се само скандалите по кој е познат музејот. Како пример може да се наведе „завидното“ украсување на статуите од римско време со дедомразовски капчиња Јавноста беше згрозена на ваквата постапка и со право жестоко реагираше“,
велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека нема никакви резултати и дека низ годините се финансираат исти проекти од „подобни археолози.
„Дали министерката дознала зошто Исар-Марвинци не се истражува со години, па е оставен на немилост на дивите копачи? Апсењето на Украинци кои копале на локалитетот со детектори среде бел ден е неминовен доказ дека власта крева раце од значајните археолошки локалитети. Посебно е срамно задоволството на министерката од издавачката дејност на Музејот. Во последните години Музејот издава само една книга и ништо повеќе. Задоволството на министерката може да е и искрено, но само ако се гордее со неработата и неуспехот на Музејот“,
обвинуваат од опозициската партијата.
Затоа, како што се додава во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ бара од министерката за култура јавно да одговори: „Што сработува Археолошкиот музеј на Македонија во последните пет години и какви резултати има? Каде и како се претставува Музејот, по доаѓањето на СДСМ на власт? Колку нови наоди и локалитети се истражуваат овој период и кои се резултатите од тие истражувања? Каде и како се промовира македонското културно наследство?