Во соопштението од владејачката партија се вели дека претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, одработува за опозициската СДСМ, од кои, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, бил поставен да извршува партиски насоки и агенди
Трпе Деановски од УПОЗ и Слободан Трендафилов од ССМ воопшто не се грижат за работниците, туку за милионските суми кои тие ги добиваат од граѓаните во вид на плати и додатоци, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ. Од владејачката партија и денеска обвинија дека Трендафилов е човек на СДСМ и дека одработува за нив, координирајќи се со останатите синдикалци кои според ВМРО-ДПМНЕ се поставени токму од сегашната опозиција на овие позиции за да извршуваат партиски насоки и агенди.
Доказ за ова однесување, велат оттаму, е фактот што според информациите со кои тие располагаат, првиот човек на УПОЗ, Трпе Деановски, земал четири пати поголема плата од минималната, односно 104 000 денари.
„Истиот тој Трпе Деановски ги лаже работниците во очи, додека тој се луксузира на нивен трошок, а притоа за 2024 година и првите 2 месеца од 2025 година, тој има добиено 1.800.000 денари плата и додатоци. Додека ги лаже работниците за минималната плата и дека се бори за нив, тој има земено за само една година 69 минимални плати, односно околу 30 илјади евра“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката ВМРО-ДПМНЕ подолго време го обвинува првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, дека работи директно по нарачка на опозицијата и оти шири популизам и лоши економски политики.
Пред два дена, претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, најави протест на 2 април во 12:05 часот откако Владата во вторникот ја усвои информацијата за минималната плата да се зголеми за 1 800 денари во нето-износ. Тој рече дека досега, ниту со поголемиот дел од гранските синдикати здружени во ССМ не се преговара, не се разговара за висините на платите на вработените во јавниот сектор, онака како што е предвидено во општиот колективен договор.