Тој изрази сомнеж како е можно „Стентон градба“ да нема друга работа освен тендери и токму во време на власта на СДСМ да биде меѓу првите 10 фирми по добиени тендери во државата

Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, денеска изнесе обвинувања против фирмата „Стентон градба“, тврдејќи дека во периодот кога СДСМ била на власт, дури 90 отсто од приходите на компанијата потекнувале од јавни набавки.
Тој рече дека е зачудувачки како Јавното обвинителство со години молчи за тендер-шемите на „Стентон градба“.
Манасиевски истакна дека постојат фирми кои работат на пазарот и се натпреваруваат, но и такви за кои СДСМ, според него, бил „патрон“ и работеле речиси исклучиво за државни тендери.
Тој презентираше податоци според кои во периодот од 2019 до 2023 година, „Стентон градба“ добила државни тендери во вредност од 66,5 милиони евра, што е за нецели 5 милиони евра помалку од вкупните приходи на фирмата. Манасиевски додаде дека и остатокот од приходите најверојатно се наплатени како подизведувачи на други фирми кои исто така добивале тендери.
Членот на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ се запраша дали одредени фирми се создадени само за добивање тендери, додека други мораат да се борат на пазарот. Тој изрази сомнеж како е можно „Стентон градба“ да нема друга работа освен тендери и токму во време на власта на СДСМ да биде меѓу првите 10 фирми по добиени тендери во државата.
Манасиевски додаде и зошто институциите не го сметаат за сомнително тоа што фирмата четири години буквално живеела само од тендери, добивајќи работи далеку од својата база, додека поблиски фирми не ги добивале.
Тој директно праша дали и како „Стентон градба“ ги добивала тендерите и дали клучна улога во тоа имале СДСМ, поранешниот премиер Зоран Заев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче.