Наводите на ДУИ, од владејачката партија ги оценуваат како уште една лага и манипулација затоа што, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, во владиниот тим советници има и Албанец
По обвинувањата од Демократската унија за интеграција (ДУИ) за создавање „зони без Албанци“ бидејќи во тимот советници на премиерот Христијан Мицкоски нема речиси ниту еден Албанец, реагираа од владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму велат дека создавањето некакви „зони без Албанци“ за кои зборува ДУИ има само во главите на лидерот на оваа партија, Али Ахмети, и поранешниот прв вицепремиер и висок партиски функционер Артан Груби, кој веќе еден и пол месеци е во бегство.
„Има ли поголема зона без Aлбанци кojа ДУИ и Ахмети ја направија по нивното над 20-годишно владеење каде избркаа десетици и стотици илјади луѓе надвор од државата по потрага по подобар стандард?“
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Наводите на ДУИ, од владејачката партија ги оценуваат како уште една лага и манипулација затоа што, како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, во владиниот тим советници има и Албанец.
Тоа е професорот Шенер Биљали, надворешен советник на премиерот за односи меѓу заедниците, како и уште неколку национални координатори кои се Aлбанци. „Ние, за разлика од ДУИ, политиката не ја гледаме низ призма дали некој е Mакедонец или Aлбанец, туку единствено низ призма на компетенции и способност, нешто што е мисловна именка за ДУИ“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека секогаш кога ДУИ е наводно загрижена за Албанците, тоа значи дека е најмногу „загрижена за своите лични и бизнис-интереси“.
Инаку, обвинувањата од ДУИ дојдоа откако Владата на својата официјална веб-страница ја објави листата на советници на премиерот Христијан Мицкоски.
Во писмената реакција од ДУИ, утрово наведоа дека листата на советници покажува дека системски се потиснуваат Албанците од позициите каде што се носат одлуки.
„Оваа политика на мајоризација е позната во минатото и претставува реконфигурација на државниот систем, промовирајќи моноетничка доминација. Со овој потег Владата не само што го понижи албанскиот партнер, туку проектираше непријатно чувство на непожелност кај секој Албанец во земјата“,
реагираа од ДУИ.

Според опозициската партија, градењето инклузивни и функционални институции е основата на етничката рамноправност, но и една од суштинските европски вредности.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски, како што вчера соопштија од Владата, а и самиот тој кажа пред два дена, го советуваат вкупно 17 надворешни соработници.
Меѓу нив се и поранешниот вицепремиер за економски прашања Владимир Пешевски, поранешниот министер за финансии Зоран Ставрески и поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски.
Мицкоски на прес-конференција пред два дена кажа дека од седумнаесеттемина советници, тројца или четворица од нив се со полно работно време во Владата и земаат месечен хонорар во висина од 90 илјади денари. Останатите имаат месечни примања од 60 илјади денари, додаде премиерот.