Клан Македонија објави фотографија за која тврди дека е направена во гаражата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а на која наводно е прикажан автомобилот на Таравари
Лидерот на Алијанса на Албанците Арбен Таравари, синоќа, во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ во Скопје, се сретнал со претседателот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски, објави Клан Македонија повикувајќи се на свои извори.
Телевизијата објави и фотографија за која тврди дека е направена во гаражата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, а на која наводно е прикажан автомобилот на Таравари.

Не се познати деталите од средбата на двајцата лидери која доаѓа во време кога веќе се прават партиски позиционирањa околу годинешните избори, извести телевизијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, објавија демант дека се одржала средба Мицкоски-Таравари, но демантот го адресираа до министерот Артан Груби на кој му порачаа дека не би можел да знае дали лидерот на Алијанса на Албанците бил во „Белата палата“, бидејќи бил на пазарење во луксузни продавници во Австрија. Од ВМРО-ДПМНЕ објавија и фотографии од „шопингот“ на Груби.



„Прашуваме од каде знае Артан Груби кој е во Австрија (пазарејќи во еден од луксузните продавници на ‘Гучи’, ‘Барбери’ и ‘Версаче’) дали Арбен Таравари бил во седиштето на ВМРО-ДПМНЕ. Денес Таравари не беше во ВМРО-ДПМНЕ, а воедно ја разбираме нервозата и фрустрацијата на Груби поради броените денови во власта. Наместо соопштенија во име на медиум и негова злоупотреба како да е прес-центар на ДУИ, наредниот пат може да пушти соопштение и од својот личен мејл. Се разбира под услов да е точно и вистинито“,
се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.