Опозициските пратеници велат дека не планираат да го повлечат предлогот за распуштање на парламентот на 12 февруари, иако спикерот Џафери деновиве ја остави отворена можноста Собранието да се распушти до 16 овој месец
Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ очекува претседателот на парламентот Талат Џафери утре да закаже седница за распуштање на парламентот, за и официјално да почне да тече максималниот рок од 60 дена за одржување на изборите на 12 април. На дневен ред на седницата би бил предлогот што минатата седмица го поднесе пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, според кој парламентот треба да се распушти на 12 февруари.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ вели за „360 степени“ дека очекуваат Џафери утре да закаже седница за предлогот за распуштање на парламентот. Вели дека Џафери е деловнички обврзан на секоја втора седница да стави точка на барање на опозицијата.
Опозициските пратеници велат дека не планираат да го повлечат предлогот за распуштање на парламентот на 12 февруари, иако спикерот Џафери деновиве ја остави отворена можноста Собранието да се распушти до 16 овој месец.
Претходно, Џафери изјави дека ќе го стави на седница прелогот на ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи го како легитимен, независно од мотивите за неговото поднесување. Тој нагласи дека пратениците индивидуално ќе носат одлука како ќе гласаат за предлогот.
За предлогот за распуштање на парламентот да биде усвоен потребно е да се обезбедат минимум 61 глас „за“.
Агендата на парламентот за утрешниот ден, кој првично беше одреден како ден за последната седница на овој состав, е мошне набиена. Закажани се седници на повеќе комисии, меѓу кои и на Комисијата за европски прашања која треба да ја финишира амандманската расправа за законите за ЈО и за Совет на јавни обвинители. Не е исклучено утре да продолжи и пленарната седница и да се гласа за овие две законски решенија. Се спомнува и можност да биде закажано продолжение на седницата на чиј дневен ред е законот за одбрана и да се гласа за него. За тоа се потребни 80 гласа, што може да бидат обезбедени и без ВМРО-ДПМНЕ, која го спори единствено преименувањето на Армијата во Армија на Северна Македонија. Неизвесно е и што ќе се случи со измените на Изборниот законик, согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР, што требаше да бидат донесени пред распишување на изборите… Сепак, засега во собраниската агенда за утрешниот ден не е закажана седница за распуштање на овој собраниски состав.