Поради одлуките како таа за Незири судството има 2% доверба, затоа што СДС и ДУИ го имаат окупирано системот и за нив не важат законите. Како судот се увери дека Незири ќе биде достапен?, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-ДПМНЕ реагира на одлуката на Апелацискиот суд, кој вчера му го укина куќниот притвор на претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири – еден од осумтемина осомничени за насилниот упад во М-НАВ кој се случи на 4 јануари. Судот ценел дека определените мерки на претпазливост во овој момент претставуваат доволна гаранција за обезбедување на присуството на осомничените.
„Европска правда, ама по теркот на ДУИ, Беким делеше шамари и се прошета до Шутка, денес е дома. Беким Незири ги предводеше бандитите од ДУИ при упадот во М-НАВ, го загрози воздушниот простор на Македонија, стави во опасност цивилни слетувања и прелети и НАТО-авиони, и наместо брза постапка и одговорност, судството на ДУИ го пушти дома. Заради одлуките како таа за Незири судството има 2% доверба, затоа што СДС и ДУИ го имаат окупирано системот и за нив не важат законите. Како судот се увери дека Незири ќе биде достапен?“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од Апелацискиот суд во Скопје вчера истакнаа дека при одлучувањето, судот ги имал предвид и дадените предлози на Вишото јавно обвинителство Скопје со кои се предлага да се уважат жалбите на осомничените.
Кривичниот совет при Основниот кривичен суд Скопје на 11 јануари му одреди 30-дневен куќен притвор на Беким Незири, и на уште три други лица, кои се поврзани со упадот во Македонската навигација (М-НАВ).