Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ бара независна истрага за пожарот што утрово се случи во зградата каде што се сместени Државниот инспекторат за животна средина, Секретаријатот за европски прашања и Медиумската информативна агенција.
Тие велат се сомневаат на злоупотреби бидејќи е уништена архивата во Инспекторатот.
„Самиот факт што е запалена архивата на државен орган, и тоа во неработно време по неработен ден, отвора огромни сомнежи за можни злоупотреби и криење од јавноста на документи што според оцена на власта не би требало да се дознаат. Да потсетиме дека ова не е прв случај каде што се уништија документи на државни институции, во минатото бевме сведоци на поплава во СЈО, како и пожар во Министерството за правда. Расчистување на овие случаи досега македонската јавност не виде“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според нив, независно од тоа дали сомнежот ќе им се потврди или не, сметаат дека несовесно е постапувано со архивата на една државна институција, не успевајќи да се сочува тој материјал.
