Милошоски од говорницата побара поддршка од сите пратенички групи и пратеници, посочувајќи дека оставките се личен чин, а премиерот, како што рече, не е ајатолахот во Иран за да одлучува кој има совест и кој е морален
Пратениците предмалку заминаа на пауза, што ја побара пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, која инсистира дневниот ред на пленарната седница што почнува денеска да биде дополнет со предлогот за разрешување на министерот за здравство Венко Филипче и на неговиот заменик Илир Хасани поради трагедијата во Тетово.
Откако поминаа четири дена од оставките на првите луѓе на здравство, кои досега не се доставени од Владата во парламентот, ВМРО-ДПМНЕ го поднесе предлогот за нивно разрешување пред почетокот на денешната нова седница.

Од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ очекуваат за време на паузата Владата да ги достави оставките, поднесени до премиерот Зоран Заев, затоа што, како што велат, таква е процедурата.
Во случај оставките да стигнат во парламентот пред продолжението на седницата, тогаш тие би требало само да бидат констатирани, така што предлог-одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за разрешување би отпаднала од „комбинација“. Во спротивно, опозицијата ќе инсистира да се дополни дневниот ред и нејзиниот предлог за разрешување да биде прва точка, како што побара и пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски пред паузата на денешната седница. Тој побара поддршка од сите пратенички групи и пратеници, посочувајќи дека оставките се личен чин, а премиерот, како што рече, не е ајатолахот во Иран за да одлучува кој има совест и кој е морален, а кој неморален.
Наспроти ставовите на ВМРО-ДПМНЕ дека пратеници може да побараат разрешување на член на Владата, спикерот Талат Џафери смета дека евентуален предлог за разрешување на министер треба да произлезе од премиерот. Според тоа, прашање е дали предлог-одлуките на опозицијата ќе бидат додадени во дневниот ред на денешната седница, доколку, во меѓувреме, не стигнат оставките.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, изјави од говорницата дека во 2013 година е поднесено барање од тогашната опозиција (СДСМ/НСДП и други партии) за разрешување на друг член на Собранието (тогашниот спикер Трајко Вељаноски н.з.), односно носител на јавна функција.
„Вие не може вака да се однесувате со ваква една сериозна тема и преседанот којшто вие сега го правите е лош, затоа што за истото имало практика уште во 2013 година да се бара оставка, односно одлука за разрешување на носител на јавна функција“,
рече Мицевски.
Министерот Филипче на прес-конференција во петокот објави дека понудил пишана оставка до премиерот Заев. Претходно, неговиот заменик Хасани објави дека поднел оставка од морални причини. Хасани вчера на Фејсбук објави фотографија, која укажува на тоа дека се вратил на работното место како лекар.