Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, денеска на прес-конференција праша кој ќе одговараше ако сомнителниот беше позитивен на мајмунски сипаници и ја проширеше заразата. Од СДСМ, пак, велат дека ВМРО-ДПМНЕ има двојни стандарди бидејќи за време на корона-кризата, кога власта предложила задолжителна вакцинација, од опозициската партија биле против бидејќи се загрозувале човековите права.
„Апелираме во најбрз можен рок оваа неодговорна власт и министерот Беким Сали, што поскоро, веднаш да донесат протоколи за пандемијата која масовно се шири низ Европа и светот, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков на денешната прес конференција одговарајќи на новинарско прашање дали власта е подготвена да се справи со нова пандемија“,
рече Лефков.
Тој рече дека за среќа сомнителниот пациент бил негативен, но повика што поскоро да се донесат протоколи од страна на здравствените власти и Комисијата за заразни болести.
„Не смее повторно да ни се случи сценариото како со ковид-пандемијата каде што Македонија е земја со најмногу починати на милион жители, каде доцневме со протоколи, доцневме со вакцинација“,
рече Лефков.
Пратеникот на СДСМ, Ненад Коциќ, денеска исто така имаше прес-конференција на која рече дека од опозициската партија покажуваат целосно непознавање на здравствената политика што се води во државата, но и непознавање на инфектологијата и епидемиологијата како дел од здравствената медицина.
„Покажуваат непознавање и непочитување на стручните и професионалните тела како што е Комисијата за заштита од заразни болести. Познато ни е што правеа за време на корона-кризата и повторно истото се повторува, двојните стандарди на партијата ВМРО-ДПМНЕ, кога за време на корона кризата предложивме задолжителна вакцинација на граѓаните кои беа директно изложени на повеќе контакти, тие тогаш беа против ова бидејќи се загрозувале човековите права, сега двојниот стандард е во тоа што бараат насилно и принудно да се изврши тестирање на пациент суспектен на мајмунски сипаници“.
рече Коциќ
Тој додаде дека за среќа доброволно се изврши тестирање на пациентот и негативен е тестот меѓутоа, како што истакна, останува фактот дека единствено со што се занимава ВМРО-ДПМНЕ е ширење на дезинформации и паника.
„Ние како СДСМ и владата што ја предводи нашата коалиција ќе продолжиме да ги почитуваме професионалните ставови на Комисијата за заразни болести и стручните професионалци во неа со цел да ги заштитиме колективното и лично здравје“,
нагласи Коциќ
