Целосна ревизија на судската пресуда за сообраќајната несреќа со смртни последици кај Млечниот ресторан во Скопје, бара опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека со згрозување констатираат нефункционалност и целосна политичка инструираност на судската власт. Доведувајќи го случајот во политичка конотација, тие велат дека тоа еклатантен пример за неправдата.
„Со автомобил џип преку две полни линии се уби човек и неродено бебе и за тоа доби само условна казна. Тоа е еклатантен пример за неправда на судството на Заев за кој препознатлив бренд се Луј Витон чантите и рекетот. Тоа е сликата за судството на Заев. Истото тоа судство амнестира криминал на мафијата на Заев и создава неправди. Вистинското прашање е дали со ваквата неправедна пресуда се штити локален моќник?“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Пресудата за оваа сообраќајка беше донесена вчера во Основниот кривичен суд во Скопје. Обвинетиот доби условна казна што предизвика негативни реакции во јавноста.
И од обвинителството и од судот засега не сакаа да коментираат за пресудата. Претседателот на судот, Иван Џолев, рече дека се интересира за предметот и од понеделник ќе побара повеќе информации, по што ќе излезе со став и коментар во јавноста. Од скопското обвинителство, пак, рекоа дека прво ќе почекаат да ја добијат пресудата на писмено, па ќе одлучат дали ќе поднесат жалба.
Семејството на оштетените е разочарано, но порачува дека не се откажува од правдата. Сопругата на починатиот, Наташа Димитриевска, која и самата била во животна опасност по сообраќајната незгода и го загубила плодот, во разговор со „360 степени“, најави дека за случајот ќе покрене претставки и до Советот на јавни обвинители и до Судскиот совет.
*Поврзани вести:
Виновен за сообраќајка со смртни последици во Скопје доби условна казна
Ги загуби сопругот и плодот кај „Млечен“ а сега ќе се бори и со судијката и обвинителката