ВМРО-ДПМНЕ бара судијката Добрила Кацарска да биде разрешена, а обвинителството да не премолчува и да отвори кривична постапката.
„Согласно Законот за судски совет, членот 36, советот е надлежен да ја следи и оценува работата на судиите и да се грижи за угледот на судиите и довербата на граѓаните кон судството. Сведочењето на Лиле Стефанова е аргумент кој судскиот совет не смее да го изигнорира. Советот мора веднаш да отпочне постапка за разрешување на Добрила Кацарска и да се повика на овластувањата кои ги има во истиот член 36, да одлучува и за времено оддалечување на судија од вршење на судиска функција. ВМРО ДПМНЕ го повикува и јавниот обвинител да не премолчува и да не се прави слеп пред сите овие случаеви и пред очигледните злоупотреби и да отвори и кривична постапка“,
вели портпаролот на партијата, Димче Арсовски.
Ваквата реакција следува откако денеска обвинителката Лиле Стефанова во нејзиното сведочење зборуваше дека за цело време на предистрагата и истрагата за „Империја“, најмногу Камчев и Панделевски, барале начин како да влијаат на истрагата. Праќале, како што рече, разни емисари, политичари, бизнисмени, судии, обвинители.
Потоа, во одговорите на вкрстените прашања, Стефанова посочи дека и судијката Добрила Кацарска се јавувала кај нејзин колега.
„Да, можам да кажам и кој судија е. Станува збор за Добрила Кацарска. Таа не се јавила лично кај мене, туку кај мој колега“,
рече Стефанова одговарајќи на прашањата од Сашко Дукоски, кој е адвокат на Бојан Јовановски-Боки 13.
Кацарска во изјава за „Фокус“ денеска го демантираше дека правела притисоци и најави дека размислува за тужби.
При нејзиното последно појавување во јавноста, судијката зборуваше за блискоста со Камчеви и дали ѝ барале правни совети поврзани со предметот „Империја“ или предметот „Рекет“.
„Верувам дека дел од јавноста нема да ми верува, но јас сум судија со долгогодишно судиско искуство и јас секогаш зборувам само со факти и ја зборувам вистината. Орце Камчев има тим од адвокати. Нема потреба мене да ме прашува. Втора работа – верувајте ми дека мене самите тие ме држат настрана и од предметот „Рекет“ и од предметот „Империја“. Не сакаат да ме поврзуваат мене со тие предмети. Значи, лично тие мене ме заштитуваат. Така што, во ниеден момент, ова го тврдам и каде сакате ќе го повторам – во ниту еден момент Орце Камчев не побарал од мене ниту еден правен совет“,
рече Кацарска при гостувањето во „360 степени“ на 12 декември.
*Поврзани вести:
Локвенец: Предметот „Империја“ свесно се урнисувал преку давање поткуп
Стефанова: Јанева бараше да се затворат истрагите за „Империја“ и „Поштенска банка“