Во продолжението од денешното сведочење во „Рекет“ одговараше на прашања на обвинителката и на адвокатите на обвинетите.
Како пресвртен момент во истрагата за „Империја“ таа го наведе времето кога требало да се одлучува за продолжување на притворот на Камчев и останатите четворица осомничени, кога Јанева од неа побарала да им биде укинат притворот.
Потоа барањата ескалирале до точка што било побарано да му се врати пасошот на Камчев и да се затворат предметите „Империја“ и „Поштенска банка“ со плаќање оштета.
„Катица Јанева на 16 април не повика на состанок, почна да прашува до каде се случаите, стана нервозна, се обрати кон мене и рече: ‘Ти Лиле да му го дадеш пасошот на Орце Камчев и приговори не сакам. Ќе даде гаранција од 3,5 милиони евра да му дадеш позитивно мислење”. Потоа ни се обрати мене и на колегата Бурим: ‘И ти Лиле и ти Бурим (Рустеми) да направите извештај колку треба да се плати штетата од осомничените во ‘Империја’ и ‘Поштенска Банка’ и тука да се затвори предметот”. Не знам што мислела под тоа, но потоа не избрка од канцеларија“,
одговараше Стефанова.
Обвинителката во денешниот исказ призна дека по оваа средба со Јанева била вознемирена, бидејќи, како што рече не било можно да се затвори истрагата. Со колегата Рустеми кого Јанева исто така го посочила да работат заедно се договориле да направат извештај во кој ќе стават и затворски казни. Но претходно се консултирала и со другите колеги од СЈО за да види дали добро ја разбрала пораката од нејзината шефица.
„Му се јавив на колегата Гаврил Бубевски, бидејќи во тој период тој имаше пристап до Јанева и му реков дека од начинот на кој Катица Јанева бара да се направи тоа, заклучувам дека сака да се затворат предметите на незаконски начин. Му реков дека без разлика на тоа што таа се потпишува, јас не сакам да бидам дел од нејзиниот тим, ќе седнам ќе си напишам оставка, ќе одам во Совет на јавни обвинители и ќе излезам во медиуми ќе кажам зошто сум дала оставка“,
рече Стефанова.
Во меѓувреме, според нејзиното сведочење, Бубевски и го пренел на Јанева ставот на Стефанова. Но кусо време потоа, додека Стефанова користела слободни денови и била во Радовиш од каде потекнува добила телефонски повик од стручната соработничка во СЈО, која со вознемирен глас и кажала дека има наредба „од Сања од кабинетот на Јанева“, да направи позитивно мислење за Камчев да добие времен пасош и дека нема да има гаранција.
„И реков да не ми кажува такви глупости. Ми се јави повторно, и јас повторно и реков дека нема да правам незаконски работи и да се обрати кај тој што ќе потпишува.Откако и реков дека не се согласувам отишла кај Елизабета Јосифоска која беше заменичка“,
кажа Стефанова.
Дека пасошот на Камчев му е вратен видела кога и јавноста, кога беше снимен на спортски натпревар.
„Јас и Јанева немаме прозборено ниту збор за тоа“, сведочеше денеска Стефанова.
Во врска со предметот „Поштенска банка“, Стефанова денеска објаснуваше дека е отворен по исклучиво експлицитен разговор, или како што самата рече „разговор кој ако го слушнете не може да не отворите истрага“.
„Иако имаше многу напади од Томче кон Катица, најодговорно тврдам дека истрагата е отворена врз основа на експлицитен разговор. Меѓутоа, кога се дадоа предлозите за притвор и претрес, немаше никакви реакции. Кога малку подоцна дојде предлог за замрзнување на имотот, слушнав како Катица му кажува на Бурим дека има еден стан кој го купила пријателка, дека станот веќе е купен само што не е префрлен и да не го става на листата за замрзнување за да нема проблем“,
се сеќаваше Стефанова.
За сите останати детали за овој стан, Стефанова упати на колегата Бурим Рустеми.
Стефанова денеска одговараше и на прашње на бранителката на Јанева Ирена Фрчкоска. Таа ја праша Стефанова што и е познато во врска со наредбата за форензичко бришење на содржината на компјутерите во СЈО.
„Немам никакви сознанија дека таква наредба била дадена. Слушнав откако тоа излезе по медиуми. Меѓутоа, мислам дека ако Катица Јанева дала таква наредба било од безбедносни причини. Мојот комјутер не се бришел“,
изјави Стефанова.