Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ бара разрешување на државниот секретар во министерството за култура, Валмир Азири. Во писмо испратено до премиерот Димитар Ковачевски тие наведуваат дека бараат и кривична одговорност поради закани за физичко насилство кон пратеникот Антонио Милошоски.
„Овој владин функционер вчера повикуваше на физичко насилство со нанесување на тешки телесни повреди и ова е кривично дело според членот 394-г од Кривичниот законик, дело со кое што се предвидува казна затвор од една до пет години. Токму поради тоа и поради сериозноста на овој инцидент, а и траорноста на вчерашниот ден за демократијата во Република Македонија, дојдовме и лично го поднесовме барањето за остра реакција од претседателот на Владата Димитар Ковачевски, од кој што се бара брза реакција бидејќи само на тој начин ќе покаже дека е противник на повиците за физичко насилство врз народните избраници и ќе упати силна порака до сите дека ова повеќе не смее да се повтори,“
изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицески.

Во писмото до Ковачевски, ВМРО-ДПМНЕ бара тој да го осуди, како што велат „вандалскиот чин“ и од Азири да побара политичка и морална одговорност.
„Пратениците како директни претставници и застапници на граѓаните во законодавниот дом ја бираат Владата, а токму Владата ги назначува своите функционери. Затоа, Вие како претседател на Владата во овој случај сте најповикан и најодговорен веднаш да реагирате и да го санкционирате овој чин од страна на Ваш владин функционер“
пишува во писмото.
Барањето на ВМРО-ДПМНЕ следува по вчерашните инциденти во Собранието на Комисијата за европски прашања, кога Азири , како што пренесоа дел од порталите, на Фејсбук повикал на насилство кон пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски.
Милошоски поднел пријава во полициска станица, а објавата на профилот на Азири денеска ја нема.