Опозициската партија очекува во јавноста да се појават првите луѓе на Фондот за здравство и да објаснат што се случило навистина
ВМРО-ДПМНЕ изразува сочувство до семејството на починатото девојче од битолско Кравари и бара одговори за случајот за кој родителите се сомневаат дека е резултат на лекарска грешка.

„Има институционален молк за конкретниов случајов. Без да изразат грам сочувство, првите луѓе во здравството, иако во текот на вчерашниот ден видно расположени присуствуваа на промоција на донација на одржување на простории на една клиника, тие не дадоа основни информации за случајот. Во јавност ја нема да се појави директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Рената Младеновска да реферира за овој, но ниту за кој било претходен случај. Без конкретни информации што се случило и со констатирање состојба, оваа клучна институција во здравствениот систем е целосно нетранспарентна, како воопшто да нема директор и поради ова во јавноста се отворени низа прашања во здравствениот сектор, за кои нема ниту еден одговор! Нема одговор ни колку надзори редовни и вонредни има извршено ДСЗИ во оваа установа, што е констатирано, а што преземено. Го нема ниту првиот човек во здравството Фатмир Меџити и неговата заменичка Маја Манолева да реферираат што точно се случило во битолската болница. Има само бледи најави за стручна комисија, но јавноста од сите тие иницирани надзори во изминатиот период не виде резултат од ниту еден надзор досега“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Здравствениот инспекторат вчера изврши вонреден надзор во битолската болница каде што почина девојчето и не најде недостатоци во лекарското постапување.
