СДС беше на власт седум години, од 2017 година до лани. Доколку имало нешто спорно во Агенцијата Еразмус +, тие не само што ќе ги затвореа луѓето, туку и ќе ги снимаа и омаловажуваа, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Ако имало нешто спорно и незаконско во работењето на Агенцијата задолжена за „Еразмус“, во периодот што го посочуваат од СДСМ, од 2014-2017 година, требало тоа да го проверат и расчистат кога нивната партија беше на власт, велат од ВМРО-ДПМНЕ. Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ следува по прес-конференција на СДСМ од каде побараа новата в.д. директорка на Агенцијата, Ана Михајлов да биде разрешена и да се обезбедат услови за непречена истрага.
„СДС беше на власт седум години ,од 2017 година до лани. Доколку имало нешто спорно во Агенцијата Еразмус +, тие не само што ќе ги затвореа луѓето, туку и ќе ги снимаа и омаловажуваа како Гордана и Миле. СДС имаше можност седум години да провери и да расчисти доколку имало некаков криминал. Но, на нив им одговараше Лидија Димова и таквите како неа, а секако тоа му одговарало и на тогашниот претседател Заев, кој можеби со тие пари и си ја има купено јахтата, во која заедно со Филипче уживаат на Егејското море“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно СДСМ побара од Владата итно да ја разреши Михајлов од позицијата в.д. директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност задолжена за „Еразмус“ , а Обвинителството да постапи по наодите на ОЛАФ и сите инволвирани во овој скандал да одговараат.
Барањата на СДСМ доаѓаат откако вчера партијата објави дека Михајлов е осомничена во истрага на Европската канцеларија за борба против измами (ОЛАФ). Според СДСМ, свиркачи до партијата доставиле информации дека Европската Унија не дала согласност за избор на Ана Михајлов за в.д. директорка, туку напротив, од Брисел експлицитно било соопштено дека јавниот оглас е нелегитимен и дека мора веднаш да се повтори за да има нови кандидати.
Од ВМРО-ДПМНЕ вчера возвратија дека актуелното решение е во координација со канцеларијата на ЕУ.