Новата политичка платформа, како што наведуваат од коалицијата, ќе се залага за владеење на правото, нулта толеранција за корупција, независно судство, европска интеграција, партнерство со НАТО, како и заштита на семејните и културните вредности
Пред неколку дена од коалицијата соопштија дека по 9 мај ќе започне ново политичко преструктурирање во албанскиот политички блок и изразија уверување дека значителен дел од членството и структурите на ДУИ, особено од вториот и третиот ешалон, ќе преминат во ВЛЕН
Пет политички субјекти ќе делуваат како една политичка сила, соопшти денеска од ВЛЕН, во пресрет на 9 мај кога досегашната коалициска структура ќе се трансформира во политичка партија.

Со тоа, како што потенцираат од ВЛЕН, завршува периодот во кој албанската политика беше третирана како приватна сопственост на корумпирана клика.
„Заврши времето кога неколкумина одлучуваа во име на сите Албанци, додека народот ја плаќаше цената на нивната ароганција, алчност и безобразна потреба за власт. Тој модел падна. И не падна случајно. Падна затоа што Албанците повеќе не прифаќаат да бидат заложници на истрошени структури, лажен патриотизам и политички измами кои со години служеа само за личен спас на малкумина“,
се вели во соопштението од коалицијата.
Оттаму најавуваат обединување во една политичка сила, зашто сметаат дека само организирана, дисциплинирана и обединета сила може да го заштити албанскиот глас и да ја затвори ерата на фрагментации, уцени и задкулисни игри.
Новата политичка платформа, како што наведуваат од коалицијата, ќе се залага за владеење на правото, нулта толеранција за корупција, независно судство, европска интеграција, партнерство со НАТО, како и заштита на семејните и културните вредности.
„ВЛЕН како обединета политичка сила значи владеење на правото, нулта толеранција за корупција, независно судство, европски пат, партнерство со НАТО и заштита на семејството, традицијата, културата и идентитетот“,
додаваат од коалицијата.
Според ВЛЕН, ова е лоша вест за оние што ја претвориле политиката во бизнис, државата во плен и Албанците во бројка за манипулација.
Коалицијата ВЛЕН на 9 мај и официјално ќе прерасне во единствен политички субјект. Копретседатели на новата партија ќе бидат Изет Меџити и Билал Касами, додека функцијата генерален секретар ќе ја извршува Беким Сали.
Новиот политички субјект ќе биде организиран со пет потсекретаријати, при што ќе се задржи рамномерна распределба од по 20 отсто за сите пет политички партии што моментално ја сочинуваат коалицијата.
Пред неколку дена од коалицијата соопштија дека по 9 мај ќе започне ново политичко преструктурирање во албанскиот политички блок и изразија уверување дека значителен дел од членството и структурите на ДУИ, особено од вториот и третиот ешалон, ќе преминат во ВЛЕН.
Според нив, по формализацијата на новата партија, во албанскиот политички кампус ќе останат само две доминантни политички сили – ВЛЕН и ДУИ.
