„На делницата Гостивар – Букојчани работите се одвиваат на 17 од вкупно 31 километар, а активностите продолжуваат и на Тетово – Гостивар, како и на другите делници. Коридорот 8 е стратешки проект и ќе биде реализиран“, потенцираат од Влен
Владејачката Влен ги отфрли обвинувањата на опозициската Демократска унија за интеграција (ДУИ) дека Владата свесно го запоставува Коридорот 8 на сметка на Коридорот 10-Д. Од Влен порачаа дека соопштенијата на ДУИ доаѓаат од „пропагандна кујна“ и се полни со измислици и измислена математика.
Реакцијата на Влен следува по денешното соопштение на ДУИ во кое се тврди дека постои политичка наредба за забрзување на изградбата на делницата Прилеп-Битола (Коридор 10-д) до изборите напролет. Опозицијата излезе со тврдење дека ресурсите на терен се насочени во сооднос „4 спрема 1“ во корист на овој правец, обвинувајќи ја власта дека прави предизборен маркетинг и ги загрозува стратешките интереси на НАТО преку кочење на Коридорот 8.
„Сега измислиле и нова математика – ’4 спрема 1’. Бројки собрани којзнае во кое партиско кафуле. Опозицијата очигледно тешко се согласува со реалноста, па од очај почнаа да одат од градилиште на градилиште, броејќи багери за да видат каде се работи повеќе“, се наведува во соопштението на Влен.
Тие ја повикаа ДУИ, наместо „празна врева“ и без аргументи да го вмешува НАТО во својата пропаганда, да објави барем еден официјален документ со кој ќе го поткрепи тврдењето за наводниот сооднос од „4 спрема 1“.
Од Влен децидно тврдат дека Коридорот 8 е стратешки проект кој не е закочен, туку напротив, на него активно се работи на терен. Како конкретен демант на опозициските тврдења ги посочија градежните активности на клучните траси.
„На делницата Гостивар–Букојчани работите се одвиваат на 17 од вкупно 31 километар, а активностите продолжуваат и на Тетово–Гостивар, како и на другите делници. Коридорот 8 е стратешки проект и ќе биде реализиран“, потенцираат од Влен.
На крајот од својата реакција, коалицијата упати и директна политичка критика до партијата на Али Ахмети, обвинувајќи ги дека продолжуваат да шират невистини исто како што лажеле додека биле на власт. Од Влен им порачаа на своите политички опоненти дека веќе станале товар за граѓаните, со предупредување дека ако продолжат со ова темпо, гласачите целосно ќе ги избришат од политичката карта.