Од коалицијата упатија прашања до раководството на оваа партија, барајќи одговори за потеклото на имотите и бизнисите на нивните функционери и семејствата

Голема манипулација е јавно пријавен имот да се претставува како „откриен“ или како скриен капитал. Вака од партијата Влен денеска реагираа на обвинувањата од Демократската унија за интеграција (ДУИ) дека директорот на „Номагас“, Недим Рама, купил акции во „Мерцедес-Бенц“.
Од Влен истакнуваат дека тргувањето со акции на Рама во компании како „Мерцедес-Бенц“, „Ново Нордиск“ и „СОФИ технолоџис“ е целосно законска активност со вкупна вредност од околу 30 000 евра, а сите податоци се лична инвестиција што самиот функционер транспарентно ја пријавил до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК).
Оттаму додаваат оти фактот дека Недим Рама лично, во официјален и јавен документ до кој има пристап секој граѓанин, согласно со законот ги пријавил сите свои финансиски и нефинансиски активности, претставува директен демант на инсинуациите на ДУИ.
„ДУИ не приложи ниту еден доказ дека за акциите е употребен денар од ’Номагас’, од буџетот, од јавен тендер или од незаконски извор, затоа што и самите знаат дека тоа не е вистина. Презентираа само податоци што Недим Рама самиот ги доставил до ДКСК, јавно и транспарентно. Од тргувањето со акции е остварена капитална добивка која е транспарентно пријавена и за која е платен данок на државата“,
велат од Влен додавајќи дека немаат никаков проблем со проверки од која било институција.
Од партијата упатија прашања до раководството на оваа партија, барајќи одговори за потеклото на имотите и бизнисите на нивните функционери и семејствата.
„Од каде се стотиците милиони евра во недвижности и бизниси со кои се поврзува семејството на Али Ахмети во Скопје? Како бизнисот на братот на Бујар Османи напредуваше додека Османи извршуваше некои од највисоките државни функции и што се случи со тој бизнис? Кои државни и институционални врски ги отворија вратите за бизнисите и ангажманите на братот на Арбер Адеми? Како семејствата од врвот на ДУИ станаа сопственици на деловни центри, компании и милионски концесии?“,
се прашањата што Влен ги упати до ДУИ.
Според Влен, партијата која две децении градеше семејни бизнис-империи денес панично бега од одговори за сопствените милиони, обидувајќи се да произведе афера од податоци што Недим Рама самиот ги пријавил пред институциите и што се јавно објавени на интернет-страницата на ДКСК.
